Концерт „Теремин-вокс фантазија“ во Филхармонија
Во Камерната сала на Филхармонија вечер ќе се одржи концертот „Теремин-вокс фантазија“. Како солистка на теремин ќе настапи Ива Дамјановски, а настапуваат и Маријана Николовска – пијано и Татјана Петрушевска – обоа, Мартин Димитров и Марија Трајковска – виолина, Илза Бафтиари – виола и Паскал Краповски – виолончело.
На програмата се дела од Б. Мартину, К. Ајк и М. Јовановска.
Ива Дамјановски е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при УКИМ. Моментално е студент на катедрата за Музикологија, на Универзитетот „Università di Trento“, како и на катедрата по Музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје во класата на прoф. Марија Ѓошевска.
Добитник е на наградата на УКИМ за најдобро дипломиран студент на Факултетот за музичка уметност во учебната 2018/2019 година.
Во 2021 го реализира и својот солистички концертен проект „Аs we danced we gave substance to shadows“, на кој првпат настапува, покрај пијано програмата и со изведба на теремин. Добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 г. за стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок), кој го добива своето второ и дополнето издание во 2019 г. (ПНВ Публикации).
Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење“, за која и е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата”.
Добитник е на третата награда на конкурсот „Антево Слово“ за најдобра необјавена песна (2021), како и специјалната награда на меѓународниот натпревар “Castello di Duino” во Трст, за најдобра необјавена песна со значајна социјална или хуманистичка порака (2021). Учествувала на голем број поетски читања во и надвор од државата, меѓу кои и „Астални проекции“ и нејзината поезија е застапена во монографијата посветена на поетската манифестација (2019, „Бегемот”), како и голем број други поетски читања во Скопје. Нејзината наградена книга „Двоумење“ доби две претставувања во Осиек и Нашице во рамки на манифестациите „Денови на македонската култура“ и одбележувањето на 160 години од зборникот на Миладиновци.