Концерт на пијанистите Татја Чиковани и Дино Имери во Салон 19,19


Вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи концерт на врвните пијанисти
Татја Чиковани (Норвешка) и Дино Имери во рециталниот простор Салон 19,19
(Културно Информативен Центар – Скопје).
Чиковани и нашиот реномиран пијанист Дино Имери за прв пат ќе ги спојат
силите формирајќи пијано-дуо, а заедно ќе изведат богата програма од опусот на
Бах, Шуберт и Дворжак. Пред дуото Чиковани-Имери веќе претстојат покани на
неколку европски сцени меѓу кои и настап во Осло, Копенхаген, Тбилиси, понуди за
снимање на дискографско издание, но и покани од неколку други фестивали каде
ќе презентираат дела од светското творештво, но и ќе промовираат дела од
македонски автори.
Татја Чиковани (1991) е пијанистка од Грузија, која живее и работи во
Норвешка, а соработува со еминентни имиња од Скандинавија. Како лауреат на
престижниот пијано натпревар „I Agustin Aponte International Music Competition“ во
Тенерифе, настапува на престижните европски сцени.


Додека пак, Дино Имери (1990) – одлично познат на нашата јавност, но и
европските музички кругови и критичка јавност – интернационално настапува со
огромен успех низ престижните фестивали и соработува со врвни уметници и
оркестри повеќе од 10 години. Бележи бројни дискографски изданија за неколку
домашни и странски издавачи (Piano Plage Festival France, PMG Jazz, Con:tempo,
СОКОМ и др.). Француските медиуми го нарекоа „магионичар на пијаното“, а на
својот репертоар покрај светските класици редовно изведува македонска музика,
промовирајќи ја македонската култура пред светската јавност.
Влезот на концертот е слободен, а концертот ќе се одвива во склад со
протоколите за заштита од КОВИД-19 предвидени од Владата на РСМ.