Концерт на гитарскиот вуртуоз Мухамед Ибрахими во Филхармонија


 Во камерната сала на Филхармонија вечер ќе биде одржан концерт на гитарскиот вуртуоз Мухамед Ибрахими.

Специјални гости на Мухамед на овој концерт ќе бидат Агни Авшар, Ратко Даутовски и Бобан Мирковски.

Мухамед Ибрахими е скромен, но маестрален на сцена. Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Тој својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање/слушање во живо.

Инаку, Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата БЛА БЛА БЛА, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата 5 година на различни инструменти, но ако треба да бира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, Fly во 2014 и Devotion во 2019 година. Ова ќе биде втор негов солистички концерт оваа година, а веќе за следната година се подготвува нов материјал и нови соработки.