Концерт на дувачкиот квинтет на ансамблот „КонТемпора“


Дувачкиот квинтет на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ вечер од 20 часот ќе одржи концерт во Музејот на македонската борба, на кој ќе гостува  пијанистката Огненка Герасимовска-Димитровска.

Квинтетот ќе настапи во состав: Златка Митева – флејта, Владимир Лазаревски – обоа, Игор Иванов – кларинет, Горан Јанев – хорна и Марјан Милошевски – фагот.

На програмата се камерни дела од македонските автори Љубомир Бранѓолица, Стојан Стојков, Валентина Велковска-Трајановска и Вулнет Таири, од бугарскиот композитор Марин Големинов, а посебен акцент во програмата е ставен на грчката композиторка Георгиа Калодики од чиешто творештво квинтетот ќе изведе три композиции.

Концертoт е дел од проектот на Сојузот на композиторите – СОКОМ насловен „Европски и балкански музички мисли“ и е поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопје и Министерството за култура.