Концерт на дуо „СолиПс“ и Богоромова Краповски во Филхармонија


Во малата сала на Филхармонија вечер ќе се одржи концерт на сопранистката Гонца Богоромова Краповски и француско-македонското дуо „СолиПс“ – флејтистката Елена Стојческа и гитаристот Ромен Петио. 

Освен дела за дуо и за соло изведба, на програмата се застапени и три француски дела – „Две поеми“ од Ронсар на Албер Русел, извонредното дело „Самогласки за соло“ флејта на Софи Лаказ инспирирано од поема на Артур Рембо и „Мирот почива во пустина“ на Жан-Кристоф Роза. Сите овие дела ќе бидат премиерно изведени во нашата држава.

-Овој концерт е „сцена“ за светска праизведба на оригиналното дело Океан во капка на македонската композиторка Дарија Андовска, специјално компонирано за овој настап. Исто така, на концертот за првпат ќе бидат изведени и две македонски традиционални песни, преработени повторно од Дарија Андовска за овој ансамбл, се наведува во соопштението.

Исто така, популарната Арија на Бахијана Бразилерас n°5 на Вила-Лобос ќе биде изведена во нејзината оригинална верзија за вокал и гитара.

Италијанскиот композитор Масимилијано Месиери, чие дело „Сон во сон“ ќе биде изведено на концертот, ќе биде присутен на настанот.

Дуото „СолиПс“ е формирано од страна на македонската флејтистката Елена Стојческа и францускиот гитарист Роман Петио во 2011 година. Настапуваат на концерти и фестивали во Франција, Италија, Чешка, Сан Марино, Русија, Белгија, Босна и др. Дуото СолиПс има афинитет кон репертоарот од 20-ти и 21-ви век. Во блиска соработка се со бројни композитори, премиерно изведуваат дела кои им се посветени.

Гонца Богоромова Краповски е уметник која своите достигнувања ги афирмира преку забележителна концертна дејност на домашната и меѓународната сцена. Како солист и камерен музичар соработува со еминентни домашни и странски ансамбли, диригенти, солисти и пијанисти. Работи како наставник по соло пеење и камерна музика при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Масимилиано Месиери, роден во Болоња во 1964 година е италијански композитор и диригент. Неговите дела се изведувани низ Европа и Соединетите Американски држави. Како што пишува италијанската критика “кај Месиери можете да слушнете извонреден баланс помеѓу стилски карактеристики на популарна музика од медитеранскиот регион и современа музичка техника“

Дарија Андовска е една од најизведуваните, најнаградуваните и најплодните македонски автори во 21от век, професор на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, Скопје.

Една одлична меѓународна соработка, настап на квалитетни странски и македонски уметници, внимателно избрани дела на програмата на концертот, кој ќе се одржи на 4ти мај во 20 часот во малата концертна сала на Филхармонија.