Концерт на четирирачно дуо на пијано


Фото: Б. Грданоски

Во фоајето на Националната опера и балет вечер пијанистките Ана Гацева и Татјана Џорлева ќе одржат концерт на четирирачно дуо на пијано.

На програмата се дела за пијано четирирачно од А. Дворжак, Ј. Новак и Е. Григ.

Концертот се одржува во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“ што ја организира Дирекцијата за култура и уметност под покровителство на Министерството за култура.

Организаторите најавуваат дека концертот ќе се одржи согласно протоколот за организација на настани во време на Ковид-19, односно задолжително е носење на лична заштита на лицето, одржување на физичко растојание и задолжителна дезинфекција на рацете.

Пијанистката Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала, магистрирала и докторирала пијано на ФМУ во Скопје. Паралелно, дипломирала и магистрирала пијано и камерна музика на светски реномираната
музичка академија Ecole Normale Superieure de Paris Alfred Cortot во класите на проф. Рамзи Јаса и Шантал Дебуши, стекнувајќи се со највисоката диплома за пијаноконцертист.

Татјана Џорлева дипломира пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стела Слејанска – Стојаноска. Магистерските студии по пијано ги завршува со највисок
просек на истиот факултетот. Своето усовршување го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што ја завршува докторската дисертација по пијано интерпретација, исто така под менторство на проф. Стела Слејанска – Стојаноска, a научно истражувачката дејност на докторатот ја работи кај проф. Димитрије Бужаровски.