Концерт „Моќта на класиката“ во Филхармонија
Концерт насловен „Моќта на класиката“ на кој како солистка на англиски рог ќе настапи Маја Чанаќевиќ, а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, ќе се одржи вечер во Филхармонија.
На програмата се Симфонијата број 5 од Лудвиг ван Бетовен, Сцена и рондо за англиски рог и оркестар од Антон Рејха и Концерт за англиски рог и оркестар од Јозеф Фиала.
Маја Чанаќевиќ е родена во Скопје, каде што го завршува средното музичко образование и Факултетот за музичка уметност. Дипломира обоа во класата на професор Гордана Јосифова-Неделковска, на ФМУ во Скопје. Веднаш по дипломирањето ги завршила и постдипломските студии по културен менаџмент, a магистрирала и во областа на музичката уметност во класата на професор д-р Владимир Лазаревски.
Вработена е повеќе од 20 години како обоист и солист на англиски рог во Македонската филхармонија. Во рамки на својата уметничка дејност, продолжува да твори и да ја промовира камерната музика и музиката пишувана за овој редок инструмент (англиски рог). Во периодот 2007 – 2017 година, во три мандати беше директор на Македонската филхармонија.
Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со награда за својот придонес во културата во јужна Русија. Моментно е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“