Кон иднината од Мечкин Камен


Во сенка на актуелните политички превирања за случајот „Рекет“ и за новиот закон за јавно обвинителство, незабележано мина признанието на премиерот Зоран Заев дека добил закана на социјалните мрежи оти за него само куршум бил лекот. Претседателот на Владата го пријавил случајот в полицијата. Вели дека го знае напаѓачот, имал семејство и деца.

Коинциденција е што дента закана на социјалните мрежи добиле и српскиот претседател Александар Вучиќ и неговото семејство, но апсолутно намерна е паралелата меѓу двете општества, во која слободно можат да се придружат и другите држави на Балканот, а која зборува за целосно искривена спирала во нормите, комплетната затруеност и неподносливата неказнивост.

Навредите и исклучивоста одамна се правило во македонскиот политички дискурс и тешко е да се очекува дека работите ќе се променат доколку не се преземе брза акција. Секако, не со акциски планови за спречување на ширење дезинформации.

Иако со промената на претходната власт, во чие време почна делбата на патриоти и предавници, се очекуваше олабавување во општеството, тоа не се случи. Напротив, договорот за името, кој можеби беше склучен со најдобри намери за отворање на европските хоризонти, сепак, предизвика силни емоции меѓу народот, но и донесе уште подлабоко копање на рововите на оние што го поддржуваат Преспанскиот договор и на оние што се против. Сите други мерки на Владата за помирување, без оглед дали беа позитивни или не, однапред беа осудени на неуспех.

Лукративноста на партиите и нивната себичност на сметка на интересите на граѓаните се конечната шајка на ѕидот од етиката.

Од тие причини, со внимателност и неизвесност гледаме кон петочното прославување на Илинден на Мечкин Камен во Крушево. Повиците за акција кон „комуњарските изроди“ веќе не се дневнополитички фолклор, особено ако се земат предвид инцидентите при минатогодишното чествување на најголемиот македонски празник. Звучи иронично, но тука ќе ги видите сите апсурди на денешницата во која живееме: не сме кадарни ниту достоинствено да одбележиме еден толку светол ден. Напротив, подготвени сме бескрупулозно да го поганиме. Како и сè друго, впрочем.

Дека работите се сериозни, сфатија и властите кои ветуваат засилени безбедносни мерки во пресрет на доаѓањето на премиерот во Крушево и говорот што ќе го одржи на Мечкин Камен. Пред најава на настаните можевме да видиме за време на прославата во Скопје за европската титула на ракометарите на Вардар. Тогаш кон премиерот Заев беа упатени низа навредливи пораки, а слоганите и скандирањата веројатно ќе продолжат и од местото каде што се одигра клучната битка во Илинденското востание пред 116 години.

Однесувањата на граѓаните во нашата земја, па и насекаде во светот, се рефлексија и последица од работењето на институциите. Не, тие не смеат да бидат држени во страв и во психоза, но секој мора да се однесува според пропишаните норми и закони во земјата. Во нив стриктно е предвидено што е прифатливо однесување, како и колкави се казните за прекршителите.

Заканите по живот, говорот на омраза или физичкото насилство се дела од Кривичниот законик. За поблагите форми на навреди и недолично однесување има мерки според Законот за прекршување на јавниот ред и мир.

Но, за да имаат образ да казнуваат и неселективно да постапуваат, институциите треба да имаат ист аршин и кон политичарите, корупцијата, непотизмот и криминалот.

Македонија мора да се стави на европски шини. Не само заради Брисел, туку и нас самите, амбиентот во кој живееме и идните генерации.