Кон: Границата на Србија со Северна Македонија се отвора на 1 јуни поради тоа што не е жариште на коронавирус

Србија целосно ќе ги отвори границите од 1 јуни, но само со четири соседни земји, со Северна Македонија, Албанија, БиХ и Црна Гора. Оваа одлука е донесена затоа што ниту една од овие земји не била жариште на коронавирусот, изјави епидемиологот и член на српскиот владин кризен штаб, д-р Предраг Кон.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Кон за ТВ Пинк ја презентираше потребната документација и процедура за туристите и сите оние кои сакаат да влезат во Србија.

-За овие четири земји исто е како и порано, мора да имаат одобрение од владината комисија, која се добива во српските амбасади и со тоа одобрување мора да имаат и ПЦР тест не постар од 72 часа. Тоа е сегашниот режим кон странците. Српските граѓани кои доаѓаат, исто така, мора да имаат тест, и доколку имаат тест, не мора да поминат 14 дена во самоизолација, а ако немаат, одат во самоизолација, изјави д-р Кон.

Тој нагласи дека на деца помлади од 12 години не им треба тест.

-Не бараме тест за деца под 12 години, одлуката е донесена затоа што кај децата има помала веројатност да заболат од оваа болест. Ако доаѓаат со нивните родители, постои постојан надзор на родителите и тогаш не е неопходно да се направи тест сè додека не се појават проблеми, објасни тој.

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ објаснувајќи ја владината мерка за отворање на границата со Република Северна Македонија и другите три земји, изјави за РТС дека „тука не се работи за еднострани одлуки, туку за стандарди кои се наметнуваат и кои ги бараат и другите земји.“

Дачиќ рече дека не е можно да се разговара само за мерките на Србија, туку дека мора да се имаат предвид и другите земји, како и нивните барања, додавајќи дека едно прашање е отворањето граници за граѓаните на Србија за влез и излез, а друго прашање е влезот и излез за странците.

-Кај нас, тоа се негативни тестови не постари од 72 часа. Странците кои доаѓаат во Србија треба да имаат негативен тест и потврда од владината комисија за влез во земјата, објасни шефот на дипломатијата.

Тој посочи дека од 1 јуни границите со Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија српските граѓани можат да ги преминат согласно донесените прописи на тие земји.

Дачиќ кажа дека проблем е што во околните земји, Европската унија, како и во светот, мерките во врска со пандемијата не се стандардизирани, и дека само неколку земји сè уште прифаќаат странски државјани без ограничувања, меѓу кои се Велика Британија и Мексико.

Што се однесува до земјите-членки на ЕУ, Дачиќ рече дека се уште е во сила одлуката на ЕУ дека нивните граници се затворени до 15 јуни.