Кон езерото: Балканско патување на војната и мирот – најновата книга на бугарската писателка Касабова


 „Кон езерото: балканско патување на војната и мирот“ е најновата книга на бугарската писателка Капка Касабова. Преку оваа книга, авторката ги истражува Охридското и Преспанското езеро со брод, пеш и со автомобил, а подоцна собира и етнографски материјал – приказни за жителите на бреговите на овие езера.

„Езерото е најубавата и најекспресивната црта на пејзажот“ – ова е мотото на книгата, која неодамна излезе во британско издание. Книгата е патопис, но има и дел семејни мемоари, дел историја на јужен Балкан, дел психогеографско истражување на влијанието на местото врз однесувањето и емоциите.

„Кон езерото“ е лоцирано на тромеѓе, овој пат помеѓу Албанија, Северна Македонија и Грција и двете езера, Охридското и Преспанското. Стари помеѓу еден милион и три милиони години, тие биле сведоци на македонски, илирски, римски, византиски, отомански и современи цивилизации, кои се менувале едни со други додека езерата останале нем и спокоен набљудувач на тие промени.

Езерото, во книгата на бугарската писателка, всушност има симболичко значење, поврзано со големите басени на човечкото познание.

Најголемите извори на надеж за Касабова се самите езера, постари и поголеми од човечките проблеми.

Според критичарите, на крајот на краиштата, Касабова наоѓа исцелување, како и одговор на противречностите со кои е фасцинирана, во спокојот на античкото езеро.  Но, патувањето до таа крајна точка може да биде тешко читање на моменти. Преку разговори со луѓето што ги среќава, таа открива дека нејзиното наследство на загубата го делат многумина и го разбира како последица од политичките пресврти и конфликти што го минаа Балканот во минатиот век.

-Жените ги загубија своите сопрузи во војна.  Децата ги загубија своите родители бидејќи мигрираа и границите се затворија цврсто зад нив. Историјата е избришана и луѓето го изгубија правото да зборуваат на својот јазик бидејќи новите национални држави се обидоа да се хомогенизираат. Со оглед на тоа, загубата сега изгледа неизбежна. -Дејствуваме од наследено верување дека немаме право да бидеме во мир, пишува Касабова за својата книга.

Капка Касабова (1973) има бугарско потекло, но пишува на англиски. Како дете со родителите емигрирала во Нов Зеланд, каде студирала француска и англиска литература. Денес живее и работи во Шкотска.

Бабата на Касабова, Анастасија, била родена во Охрид, а потоа се омажила за човек од Бугарија и се преселила во 1947 во Софија.