Комуналните претпријатија ќе добијат од државата по една минимална плата за вработените, но и ќе им се отпишуваат камати


Владата во соработка со државните институции ќе се обиде да најде решение за отпис на каматите за долгови што ги имаат јавните комунални претпријатија кон државните институции, а во наредниот период преку еднократна интервентна мерка ќе ги поддржи јавните комунални претпријатија во износ на една минимална плата за вработените, порачал денес премиерот Зоран Заев на средба со претставници на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ, кое ги претставува јавните комунални претпријатија во нашата земја.
На средбата на која бил и министерот за финансии Фатмир Бесими, а преку онлајн врска и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи станало збор за состојбата и тековните предизвици со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија во земјата и можностите да го одржат квалитетот на услугите кон граѓаните во претстојниот кризен период предизвикан од пандемијата од вирусот КОВИД-19, соопшти Владата.

Претставниците на АДКОМ, на чело со претседателот Зоран Георгиев, го запознаа Премиерот со актуелните проблеми и барања на Здружението на даватели на комунални услуги кои се однесуваат на даночни и друг вид финансиски олеснувања и субвенции со цел да ја подобрат ефикасноста на своето работење.
Премиерот и министрите ги разгледаа нивните барања и изразија цврста волја да им се даде силна поддршка во претстојниот период.
„Сите заедно пребродивме една тешка сезона и државата чувствува должност да им помогне на јавните комунални претпријатија. Ние тоа ќе го направиме и преку зајакнување на општините преку следниот пакет за децентрализација“, порача премиерот Заев, се вели во соопштението од Владата.