„Комунална хигиена“ тврди: Работиме засилено


Наспроти впечатокот на граѓаните дека контејнерите низ градот и натаму се полни и дека бавно оди отстранувањето на ѓубрето, од „Комунална хигиена“ пратија фотографии од нивната акција со порака дека засилено работат на проблемот.

-Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје, во
втората и во третата смена, реализираа засилени активности за собирање и
транспорт на комуналниот отпад во сите скопски општини. Континуирано се
расчистуваа и повеќе обемни диви депонии лоцирани на улиците Џон Кенеди,
Благоја Паровиќ и Методија Митевски во општината Чаир, како и на улицата
Прашка во општината Карпош.

Воедно, беа спроведени активности за одржување на хигиената на јавните и
на сообраќајните површини со коишто беа опфатени и  централното градско
подрачје, кејот „13 Ноември“ и Старата скопска чаршија.

Екипите на Претпријатието и во текот на денешниот ден ќе продолжат со
засилена динамика да го подигнуваат комуналниот отпад од поставените
контејнери и кантите во индивидуалните домаќинства на територијата на
градот Скопје, соопштија од „Комунална хигиена“.