Комунална хигиена расчисти 20 кубни метри отпад од приватен двор во Лисиче

Во рамките на координираните активности со Инспекторатот на Градот Скопје, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје во текот на вчерашниот ден започнаа акција за чистење огромно количество отпад лоциран во приватен двор на улицата „Блажо Орландиќ“ во скопската населба Лисиче.

Како што информираат од Јавното претпријатие, досега се подигнати и транспортирани приближно 20 кубни метри кабаст и мешан комунален отпад, а активностите ќе продолжат и во текот на претстојните неколку дена, сè додека локацијата не биде исчистена во целост.

-Во расчистувањето на дивата депонија дневно се ангажирани по десет работници на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, отпадот се подигнува со втоварувач, а се транспортира со три специјални комунални возила, соопшти ЈП „Комунална хигиена“-Скопје .

Оттаму ги информираат граѓаните дека одлагањето на отпадот надвор од поставените садови претставува прекршување на Законот за јавна чистота и истовремено директно влијае врз загадувањето на животната околина.