Комшиќ: Милановиќ заговара „вулгарен фашизам“


Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, денеска го обвини хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека се залага за „вулгарен фашизам“, со неговите коментари на  ситуацијата во Босна и Херцеговина и кога зборува за Бошњаците кои живеат во неа.

По состанокот на Главниот одбор на неговата партија Демократски фронт (ДФ), одржан во Сараево, Комшиќ на новинарите им кажа дека учесниците силно го осудуваат предлогот за измена на изборниот закон, што во моментов се дискутира под покровителство на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР).

Како што тврди, во заднината на се’ се „застапниците на политиката кои ги гледаат муслиманите како главен проблем на европскиот континент“, меѓу кои го вбројува и Милановиќ.

Комшиќ смета дека ОХР со отворањето дискусија за измените на изборниот закон кои меѓу другото би значеле и воведување цензус со кој би се делегирале претставници во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина. , всушност ги исполнува барањата од Хрватска, пренесува Хина.

Според него, сето ова води кон подлабоки етнички поделби, односно решенија спротивни на пресудите на Европскиот суд за човекови права, што констатира дискриминација на граѓаните на БиХ во изборниот процес врз основа на нивната етничка припадност или место на живеење.

Во сето ова, како и кај сите оние кои се залагаат за вакви решенија, Комшиќ гледа антиисламски мотиви и вели дека европските муслимани денеска се станати еквивалент на Евреите од периодот кога биле прогонувани на европскиот континент, а Бошњаците, според неговото толкување, се посебен проблем бидејќи „дури имаат и своја држава“.

-Таму имате отворен фашизам како Орбан кој зборува за христијанска Европа, срамежливиот што се обидува да ни се наметне преку институцијата ОХР, до вулгарниот фашизам на Зоран Милановиќ, рече Комшиќ.

Главниот одбор на ДФ донесе заклучок со кој ги повикува сите политички партии од Сараево заеднички  да се спротивстават на измените на изборниот закон за кои во моментов се преговара.