Композиторката на музиката од „Гладијатор“ доаѓа во Скопје


Вокалистката и музичар Лиса Герард, наградена со „Златен глобус“ за музиката во филмот „Гладијатор“ и нејзиниот последен проект на кој соработува со уникатниот женскиот хор од соседна Бугарија The Mystery Of The Bulgarian Voices, доаѓаат во Скопје. Концертот на Lisa Gerrard & The Mystery Of The Bulgarian Voices е во организација на Младинскиот културен центар, а ќе се одржи во Македонската филхармонија на 8 октомври. Билетите се веќе во продажба преку продажната мрежа на МКЦ.

По потекло од ирски емигранти, Лиса е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 70-тите во Мелбурн ја спојува со Brendan Perry, со кој во 1981 го создаваат уникатниот проект Dead Can Dance, кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.

Dead Can Dance се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокала, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Lisa Gerrard и Brendan Perry својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење.

Во професионалната биографија на Lisa Gerrard се впишани неколку соло-проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но и изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Hanz Zimmer беа наградени со „Златен глобус“.

Gerrard во Скопје доаѓа со нејзиниот последен проект на кој соработува со бугарскиот женски хор The Mystery Of The Bulgarian Voices. Хорот опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Светот за првпат слушна за овој хор на крајот на 80-тите години на минатиот век, кога хорот го издава својот истоимен албум Le Mystère des Voix Bulgares, vol. 2 за кој ја добиваат престижната Grammy награда во 1989 година. По речиси 4-децениско постоење доаѓа нивната соработка со маестралната Lisa Gerrard, со која создаваат една природна бајколика симбиоза, излегува албумот BooCheeMish, кој ги редефинира позициите на поимот World music и со својата уникатност буквално ја возбуди светската музичка сцена при нивните лајв-настапи.