Комплексот „Козјак“ го загрозува стратегискиот извор на вода за Скопје
Стручната јавност бара итно да се запре градењето во „Јасен“, во месноста Рудина, зашто се загрозуваат стратегиските интереси на државата. Пред сè, снабдувањето со пивка вода на градот Скопје, во случај да се јават проблеми со изворот Рашче. Во средата била одржана средба на која покрај претставници на УНДП, присуствувале професори и претставници од министерства и институции чии надлежности се поврзани со проблематичниот туристичко-рекреативен комплекс „Козјак“ во повеќенаменското подрачје „Јасен“, меѓу кои и од министерствата за животна средина и за одбрана. Овие две министерства се и двата филтри што морал да ги помине планот за урбанизација на заштитениот простор, пред да биде одобрен од општината, а на присутните им било нејасно како тоа се случило. Стручните лица укажале дека продолжувањето со градбата на комплексот би довело до катастрофални последици и побарале брза реакција.
„Ова е крајно лошо решение што ќе предизвика целосна деструкција на преубавиот див простор и многу лесно може да се загади изворот Коритиште“, вели професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје.
„На просторот на Рудина не смее да се гради, со оглед на тоа што е во заштитна зона и е дел од заштитениот простор ‘Јасен’. Тоа е на граница со строга заштита, каде што има вредни работи од геолошки, геоморфолошки и од биолошки аспект. Второ, што е многу битно, тоа е карбонатен простор и изразито карстифициран, што значи има многубројни пукнатини, и какво било ѓубриште или отпадни води многу лесно може да стигнат до изворот Коритиште. А Коритиште е планиран како стратегиски извор, доколку се случи нешто со Рашче, зашто единствено тој може да го снабдува Скопје со квалитетна вода“, вели професорот Милевски.
Тој не верува дека комплексот ќе обезбеди одлагањето и исфрлањето на отпадните води според исклучително строги критериуми.
Просторот Рудина, вели тој, е 300-400 метри над изворите, посебно над изворот Коритиште, кој има издашност од 2 до 4 кубни метри вода во секунда, што одговара на водата што ја има Рашче.
„Тоа е чиста, добра вода. Таму водата доаѓа делумно од Патишка Река, но има големи индиции дека и од Рудина одозгора, низ карстниот систем, водата се слева кон Коритиште. Што значи и минимално загадување, ќе направи наредни 20, 30 до 100 години Коритиште да биде неупотреблив извор“, укажува професорот.
Стравувањата на јавноста искажани за изградба на платформи на Матка, во случајот со „Козјак“ уште повеќе се засилуваат. Професорот Милевски вели со право, зашто би имало повеќекратни штети.
„Треба да се слуша стручната јавност. Со градежни активности на Рудина би дошло до нарушување на еден од најубавите предели во Македонија, каде што сè уште се населуваат парови ретки орли, кои се на изумирање. Од еден преубав див простор, сега ќе се обезличи. Кој и зошто дал дозвола за такво нешто, треба да се утврди, но поважно е да се запре. Зашто се изложува на деструкција, поради нечиј интерес, еден од најуникатните делови од Македонија“, смета Милевски кому сепак примарно му е дека не смее да се доведе во прашање снабдувањето со пивка вода на речиси милионско население.
„Единствен квалитетен извор што може да ги задоволи потребите на Скопје е изворот Коритиште. Пред да се изгради браната Матка, овој извор се влевал во Треска. Иако е потопен, ако има потреба, може да се користи. Бунарите кај Нерези ниту се доволни а водата е далеку од квалитетот што го има водата од Коритиште. Не знам зошто некој не води сметка за овие работи“, дециден е Милевски, кој додава дека на карстни терени секаде во светот се ограничува градење или се бараат специјални дозволи за пречистување и филтрирање на се што може да предизвика загадување.
Васил Анастасовски, кој во 2009 година бил во Министерството за животна средина, вели дека Агенцијата за планирање на просторот, без да го земе предвид карбонатниот терен чии површински води гравитираат кон реката Треска, изработила планска документација за оформување на туристичко-рекреативен центар кај месноста Рудина на подрачјето на ‘Јасен’.
„Имајќи предвид дека отпадните води од еден ваков центар на оваа локација преку системот на промивање на земјиштето можат да дојдат во допир со изворот Коритиште кој се наоѓа на десниот брег на реката Треска, чија издашност е околу 2.000 литри во секунда, Министерството за животна средина и просторно планирање врз претходно прибавено мислење од Геолошкиот факултет од Штип, даде негативно мислење заради чувствителноста на теренот. Не е јасно како понатаму бил изработен и одобрен Урбанистички план надвор од населено место за оваа локација со што е овозможено на ова ризично подрачје да се градат објекти. Државните институции треба да размислат дали е поважно на таа локација да се гради или е поважен изворот Коритиште кој што претставува алтернатива за водоснабдување на Градот Скопје после изворот Рашче“, пишува Анастасовски на својот фејсбук-профил.
„Јасен“ бара инспекциите да го испитаат комплексот
ЈП „Јасен“ побарало од Инспекцискиот совет координиран инспекциски надзор за градењето на Рудине. Од Државниот инспекторат за животна средина се бара да утврди дали за посочената локација се изработени елаборати или студии за заштита на животна средина и дали Министерството за животна средина дало позитивно мислење. Од градежната инспекција „Јасен“ бара да се провери дозволата за градба на комплексот, а од Инспекторатот за земјоделство да утврди дали пренамената на земјоделското во градежно земјиште е извршена согласно постојните законски прописи.
„Јасен“ побарал информација и од Министерството за одбрана дали е дадена согласност за изградба на ваков вид на објект во зона во која има ограничена слобода на движење и престој. Исто така, бара инспекциските органи да утврдат дали општина Сопишите има издадена дозвола за градба.
Анита Салтировска