Компјутерски напади врз неколку француски компании
Франција– Неколку француски компании, меѓу кои и осигурителната компанија ММА, во моментов се цел на компјутерски напади, јави дописникот на МИА.
-ММА претрпе обид за злонамерно дејствување што бараше исклучување на компјутерските системи заради претпазливост, предизвикувајќи потешкотии при пристапот до интернет страницата на компанијата и до сите нејзини услуги , се вели во соопштението на групата објавено на нејзината интернет страница.
Интернет-страницата на ММА остана неоперативна целиот викенд, додека многу страници на Фејсбук од разни установи поврзани со групата сведочеа за внатрешна парализа на ММА.
Групата Ковае, матичната компанија на ММА, соопшти дека Мааф и ГМФ, кои исто така се дел од групата и се исто така осигурителни комании, биле погодени од нападот, но „во помала мера“. „За клиентите на МааФ и ГМФ, нештата се враќаат во нормала“, изјави портпаролот на Ковае. Групата не сакаше да ја посочи природата на нападот.
Но, според Затаз, специјалист за информатика, ММА е жртва на напад со кој се бара откуп, како оној што моментно ја погоди платформата за резервирање преку Интернет, МистерФлај.
-Напаѓачите успеаја да пристапат до одредени типови податоци, но се уште немаме општа визија за степенот на нападот, изјави Фредерик Пилу, директорот за е-трговија на „МистерФлај“.
Веб-страницата продолжува да функционира и се уште дозволува резервации за патувања, рече тој. Француската подружница на групата ЦПМ, што е специјализирана особено во анимација на продажни места, исто така, е жртва на компјутерски напад, пренесува „Затаз“. Компанијата потврди дека е жртва на напад, без да дава детали.
Жером Билоа, специјалист за компјутерска безбедност на фирмата Вајвстон, оцени дека овие напади ја илустрирале основната тенденција што е со „многу силен раст“ на кибер напад, честопати придружени со уцена при објавување на податоците. Тие се извршени од „многу организирани“ групи, кои честопати ќе поминат „еден, два или три месеци на интегрирање во деловното опкружување“ пред да нападнат. „Ова се екстремно профитабилни напади за сторителите, тврди тој за француските медиуми.