Компанијата за електрични автомобили ја откажа инвестицијата и во Бугарија, како и во Македонија


Договорт за производство на електрични автомобили беше склучен кога Кирил Петков беше министер за економија

 

Германската компанија „Некст.е.ГО. Мобиле“, своевремено помпезно претставена дека ќе гради фабрика за автомобилите е.Го. ја откажа изградбата и на фабриката што ја планираше во Бугарија откако поднесе барање за постапка за несолвентност, што значи вовед во стечај.

Компанијата предвидуваше изградба на погон до поранешната фабрика „Балкан“ во градот Ловеч, а инвестицијата во 2021 година ја договори тогашниот службен министер за економија Кирил Петков. Германската компанија требаше да инвестира 140 милиони евра, а бугарската владада ја поддржи инвестицијата со 34 милиони евра. Требаше да се отворат 1.000 работни места.

Во информацијата пренесена на интернет страницата на Маркет скринер, се вели дека „Некст.е.ГО. Мобиле“ (Next.e.GO Mobile SE – „e.GO“), иновативен германски производител на електрични возила со батерии, пред неколку дена ја објави својата одлука да поднесе барање за отворање на несолвентната постапка до надлежниот округ судот во Ахен. e.GO е подружница во целосна сопственост на Next.e.GO N.V., која е котирана на берзата Насдак во САД.

Една година по одлуката на компанијата да инвестира во Бугарија таа донесе одлука да гради фабрика во ТИРЗ Тетово. Во средината на август 2022 година во Тетово беше потпишан договор и беше поставен камен темелник на фабрика. Според тогашните најави, фабриката во Тетово требаше да вработи 900 лица, а вкупната инвестиција да изнесува 130 милиони евра.

Сега од тие планови на германската компанија да гради фабрики за електрични автомобили во Бугарија и Македонија нема ништо. Таа отиде во стечај.