Компанијата Старлинк е подготвена да влезе и на пазарот во БиХ


Американската компанија за обезбедување на интернет услуги Старлинк е подготвена да влезе и на пазарот во Босна и Херцеговина, потврди денеска министерот за транспорт и врски на таа земја, Един Форто, по средбата со претставници на компанијата одржана во САД.

Форто доби потврда за плановите за проширување на Старлинк на Балканот за време на состанокот со Ребека Хантер, директорката на Старлинк за нов влез на пазарот, и со Пракул Капур, менаџер на компанијата.

Беше истакнат взаемен интерес за што поскоро обезбедување на услугите на Старлинк или нивниот сателитски интернет во Босна и Херцеговина“, се вели во изјавата на Форта за медиумите, објаснувајќи дека тоа ќе следи откако ќе се исполнат законските услови.

Властите на БиХ, исто така, имаат намера да ја прошират соработката со Старлинк во областите на е-влада, подобрување на здравствените услуги и развој на систем за брз одговор во случај на природни катастрофи.

Не беше наведен временскиот рок до кој БиХ би добивала сателитски интернет услуги, а пред тоа Старлинк мора да добие одобрение од Регулаторната агенција за комуникации на БиХ.

Компанијата предводена од мултимилијардерот и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, со својата сателитска интернет мрежа ги покрива сите земји од Југоисточна Европа, освен Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, откако нивната услуга стана достапна за жителите на Косово на крајот на 2024 година.