Компанијата „Сигмоид“ дава детали за јавните набавки што ги спомена СДСМ
По прес-конференцијата на СДСМ, на која беа изнесени податоци за наводно сомнителни јавни тендери од Генералниот секретаријат на Владата и СОЗР, прозваната компанија „Сигмоид“ се јави со реакција во јавноста во која го објаснува и нејзиното портфолио и учеството на јавните тендери.
Во реакцијата се вели дека за споменатите набавки станувало збор за групна набавка помеѓу компании во иста групација, односно помеѓу „Сигмоид гроуп“ ДООЕЛ и „Сигмоид“ ДОО.
Од компанијата велат дека „Сигмоид“ е ИКТ групација која е активно присутна на пазарот од 2018 година, со портфолио од над 40 клиенти во јавниот и приватниот сектор. Компанијата редовно учествува на јавни набавки во Република Северна Македонија, како и во други држави, вклучително и Естонија – една од најдигитализираните држави глобално. „Во Република Северна Македонија, компанијата има склучено и реализирано повеќе од 30 договори директно со јавни институции, како и договори преку меѓународни донатори за имплементација на ИКТ системи. Во целокупното работење, Сигмоид соработува со раководствата на сите организации и институции исклучиво на професионална основа, независно од актуелниот менаџмент, политичката припадност или составот на раководните структури“, велат од компанијата.
Оттаму тврдат дека имаат договори со јавни организации од Естонија, како и со повеќе јавни институции од земјите на Западен Балкан. Поголемиот дел од остварениот промет на „Сигмоид“ во 2024 потекнува од странство.
„Категорично демантираме дека основачот Јован Јанкуловски има завршено Машински факултет. Истакнуваме дека тој никогаш не бил студент на Машинскиот факултет. Воедно, никогаш немал контакт со премиерот“, велат од „Сигмоид“. Уште нагласуваат дека во тимовите за споменатите набавки се ангажирани и професионалци (вклучително и странски експерти) со највисоки сертификати од областа на сајбер безбедност.