Компанија од Нов Зеланд за осигурување овозможила нафтата под санкции од Русија и Иран да оди низ светот


 

Новозеландска компанија управувана од британско семејство специјалисти за поморско осигурување им помогнала на сомнителните руски и ирански флоти да транспортираат стотици милиони барели нафта и нафтени производи. Многу танкери осигурени од „Маритајм мјучуал“ беа санкционирани од западните земји, кои започнаа истрага за нејзините активности.

Во еден момент, „Маритајм мјучуал“ осигурила речиси една шестина од танкерите на флотата во сенка што биле цел на западните земји, според истрагата на Ројтерс, заснована на анализа на податоци за осигурување и испорака, трансакции со нафта и интервјуа со луѓе запознаени со активностите на компанијата. Центарот за проучување на енергијата и чистиот воздух (CREA) пресметал за агенцијата дека бродовите осигурени од „Маритајм мјучуал“ транспортирале нафта и нафтени производи во вредност од најмалку 16,7 милијарди долари од Русија и 18,2 милијарди долари од Иран од воведувањето на санкциите против овие земји. „Овие бројки ги надминуваат оние на многу од главните играчи вклучени во флотата во сенка што ја следиме“, изјави за Ројтерс Дејвид Таненбаум, директор на консултантската компанија за санкции „Блекстоун комплајанс сервисис“ и поранешен специјалист за санкции на Министерството за финансии на САД.

Новозеландските власти, во соработка со партнери, вклучувајќи ги Австралија, Велика Британија и САД, започнаа истрага против „ Маритајм мјучуал“ поради сомнение дека компанијата можеби го олеснила кршењето на санкциите и не ги исполнила своите обврски за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, изјави за Ројтерс лице директно запознаено со ова прашање. Според друг извор, полицијата ја претресла канцеларијата на компанијата на 16 октомври како дел од истрагата за кршење на санкциите против Русија.

Ова следеше по е-пошта од претставник на бродската индустрија во земјата добиена од Централната банка на Нов Зеланд, која исто така го регулира осигурителниот сектор, во октомври 2024 година. Во неа се наведува дека „Маритајм мјучуал“ ја користи својата новозеландска регистрација „за да ѝ даде на компанијата привид на респектабилност“ и предложи истрага. Централната банка и другите регулатори оттогаш ја започнаа истрагата, објавува Ројтерс.

„ Мариттајм мјучуал“, со седиште во Окленд, најголемиот град во Нов Зеланд, обезбедува осигурување од одговорност кон трети лица, кое покрива потенцијална штета што танкерите и нивниот товар може да ја предизвикаат на луѓето, имотот и животната средина. Дури и на бродовите што работат во флотата во сенка им е потребно такво осигурување, вели Таненбаум:

Без него, тие нема да се движат никаде. Дури и иранските и руските пристаништа нема да дозволат неосигурени бродови да влезат во нивните води.

Во серија одговори на прашањата на Ројтерс, „Маритајм мјучуал“ изјави дека строго се придржува до сите санкции и дека нејзините полиси за осигурување содржат клаузула во која се наведува дека добавувачот не може да преземе никаква акција што би довело до кршење на санкциите од страна на осигурителот. Доколку танкерот е ставен на црната листа, неговата полиса е прекината, според „ Маритајм мјучуал“, која обезбедува поморско осигурување повеќе од 20 години.

На чело е 75-годишниот британски државјанин Пол Ранкин, а неговите две ќерки и зет се меѓу вработените. Според нејзината веб-страница, таа реосигурува ризици кај членови на „Лојдс од Лондон“, еден од најголемите светски пазари за осигурување, вклучувајќи ги и други германски и британски компании.

Ројтерс успеа да состави список од 231 танкери што „ Маритајм мјучуал“ ги има осигурано од 2018 година.

Според CREA, 130 од овие танкери превезуваат нафта или нафтени производи од Иран или Русија откако на овие земји им беа воведени западни санкции во ноември 2018 и декември 2022 година, соодветно. Повеќето од овие танкери, 97, сега се ставени на црната листа од САД, ЕУ и други земји (кои, до крајот на јули, вклучуваа 621 брод); од нив, 48 танкери беа осигурани од „ Мариттајм мјучуал“ на денот кога беа воведени санкциите.