Компаниите во земјава помалку оптоварени со бирократски процедури во споредба со држави од ЕУ

Северна Македонија е подобро рангирана од земји членки на Европската унија во поглед на оптовареноста на компаниите со бирократски процедури. На една македонска компанија и се потребни годишно 154 часа за усогласување со регулативата што е значително помалку во однос на некои европски држави.

Во Словачка, на пример, се потребни 240 часа, а во Шпанија, која е најлошо рангирана, дури 370 часа.

Ова го покажуваат резултатите од Индексот на бирократија направен во шест европски држави во заедничка соработка на организацијата „Македонија 2025“, „CivicaMobilitas“, Институтот за економски и социјални студии (ИНЕСС) од Република Словачка и регионалната канцеларија на Фондацијата Фридрих Нојман.

Сепак, од организацијата „Македонија 2025“, која денеска го презентираше истражувањето во Скопје, напоменуваат дека со зачленувањето во Унијата треба да се очекува зголемување на товарот на компаниите поради што препорачуваат владините политики да бидат внимателни.

– Македонија е лидер во овој поглед, тоа е покажано и со резултатите на „Дуинг бизнис“. Меѓутоа, она што го покажа истражувањето е дека во иднина, со процесот на асоцијација кон ЕУ, веројатно треба да очекуваме зголемување на товарот на компаниите така што владините политики треба да бидат многу внимателни, изјави извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсовска-Блажевски.

Од Владата најавуваат дека ќе работат и понатаму на подобрување на бизнис опкружувањето и елиминирање на сите евентуални бирократски процедури не само за бизнис заендицата, туку и за граѓаните.

– Заедно со вицепремиерот за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски веќе имаме поднесено иницијатива за креирање на Единствен регистар на бирократските процедури односно на сите административни процедури кои државата ги презема, а се поврзани со бизнис заедницата и граѓаните. Би сакале после овој чекор да преминеме кон креирање на подобри услови за елиминирање на сите предолги или непотребни бирократски процеси што постојат во државата, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според експертот Сашо Клековски, тоа што сме најдобри не значи дека треба тука да се застане бидејќи има простор за подобрување во веќе постоечките сегменти пред се во Е-даноци и во работата на Пензискиот фонд..

– Во повеќе работи треба да се подготвуваме за дигиталзиација. Неажурноста на податоците во Пензискиот фонд им одзема доста време и на фирмите и на граѓаните во проверката на податоците, истакна Клековски, додавајќи дека уште сега треба да се работи и на дигитализација на процесот со управување со отпадот бидејќи по влезот во ЕУ ќе се зголемат обврските на компаниите во овој сегмент.

Индексот на бирократија го мери товарот кој законодавството го наметнува врз бизнисот. Целта на индексот е да се дојде до мерки и активности со кои ќе се намали бирократскиот товар на компаниите.