Компаниите на берзата имаат 76 отсто усогласеност со Кодексот за корпоративно управување


Просечната стапка на усогласеност на компаниите кои котираат на Македонската берза со Кодексот за корпоративно управување изнесува 76 отсто, соопшти денеска Берзата. Станува збор за прв „Извештај за следење на усогласеноста на котираните друштва со Кодексот за корпоративно управување“, кој го изготви Македонската берза со поддршка на Европската банка за обнова и развој.

„Анализата на Берзата на одговорите од компаниите покажа дека иако нивото на усогласеност со одредбите и деловите од Кодексот варира, просечната стапка на усогласеност на корпоративното управување на сите друштва со Кодексот е 76 отсто и истата е на доста задоволително ниво“, оценуваат од Македонската берза.

Кодексот за корпоративно управување беше усвоен и објавен во 2021 година, а обврската за известување за примена на истиот од страна на котираните друштва започна да важи од оваа година.

Друштвата коишто согласно Правилата за котација на Берзата се должни да известуваат за примената на Кодексот го направија тоа преку пополнување на соодветните прашалници во коишто ги опишуваат нивните корпоративни практики во текот на изминатата 2022 година. 

Оценувањето на усогласеноста со Кодексот е извршено врз основа на податоците што се доставени од котираните друштва за усогласеноста со седумте делови на Кодексот и тоа: Права на акционерите и односи со акционерите; Надзорен одбор; Управен одбор; Судир на интереси; Ризик и контрола; Засегнати лица, одржливост и прашања од општествен интерес; како и Транспарентност и објавување.

 

„Охрабрувачки е што 44 отсто од друштвата се усогласени со над 81% од одредбите од Кодексот. Интересно е и тоа што четирите друштва со најголема пазарна капитализација имаа најголем процент на усогласеност. За истакнување е дека во категоријата на друштва со највисок процент на усогласеност (81-100) се и банките коишто имаа обврска да известат за примената на Кодексот, што произлегува од фактот дека банките, согласно Законот за банки, имаат низа дополнителни нормативни барања што произлегуваат од правилата за корпоративно управување пропишани од Советот на Народната банка, a во согласност со меѓународните стандарди“, се вели во извештајот.

 

Информациите за нивото на усогласеност на друштвата со Кодексот во овој Извештај се однесуваат збирно за сите котирани друштва и се базирани на проценката што самите друштва ја навеле за нивната усогласеност со конкретните делови и одредби од Кодексот, појаснуваат од Берзата.

Со оглед дека станува збор за прва верзија на Извештајот, документот содржи фактички информации за усогласеноста на друштвата со Кодексот и не навлегува во оценка на квалитетот на нивните практики на управување и известување. Секој што е заинтересиран може да направи подетална анализа на нивото на усогласеност на конкретно котирано друштво, преку разгледување на прашалниците што тоа друштво ги има одговорено и објавено преку СЕИНЕТ на интернет страницата на Берзата.

Берзата планира ваков Извештај за следење на усогласеноста на котираните друштва со Кодексот за корпоративно управување да публикува секоја година и на тој начин да се следи напредокот на друштвата во исполнувањето на целите на Кодексот.

Извештајот е достапен на следниот линк: https://www.mse.mk/mk/content/2/10/2023/corporate-governance-code