Компании од Србија префрлиле над милијарда евра во офшор зони


Минатата година компании кои работат во Србија однеле нешто повеќе од милијарда евра во офшор зони, пишува белградски Блиц. Според податоците на Народната банка на Србија, најголемиот дел од парите „заминале“ за Хонг Конг (806 милиони евра), потоа Сингапур (170 милиони евра) и Британските Девствени острови (24 милиони евра).

Истовремено, милиони евра биле трансферирани во Либан и во Лихтенштајн, а на списокот на земји со кои соработувале српските компании се Панама, Маршалските острови, Доминиканската Република, Сејшелите …

Најголем дел од плаќањата ги извршиле компании од металната индустрија, 26 проценти. Компаниите ангажирани во рударството (13 проценти), компаниите за производство на компјутери и периферни уреди (8 проценти) и трговијата со електрични апарати за домаќинство (9 проценти) исто така префрлале пари во офшор зоните, потврди Народната банка на Србија за „Блиц бизнис”.

– Растот на платниот промет со Хонг Конг во последните пет години е во најголем дел резултат на директни инвестиции од оваа земја во српски компании од производствениот и рударскиот сектор, објасниле од централната банка.

Професорот на Економскиот факултет во Белград, Љубодраг Савиќ, за „Блиц Бизнис“ вели дека таканаречените даночни раеви најчесто се поврзани со некои нелегални трансакции, перење пари или нелегални активности, но дека има и компании кои таму работат регуларно.

-Тие избираат да бидат со седиште во овие земји затоа што имаат многу поволности, како што се пониски даноци или пониски провизии за време на трансакциите. Затоа многу познати глобални компании работеле преку некои „даночни раеви“, како што е Луксембург и многу богати поединци бираат да плаќате данок, на пример, во Монако, и тоа е целосно во согласност со прописите“, објаснува тој.

Експертот за странски инвестиции, Милан Ковачевиќ, за „Блиц Бизнис“ објаснува дека Луксембург, во кој минатата година биле префрлени околу 500 милиони евра од Србија, има неколку специфики. Прво, тој го споменува Законот за деловни компании, но и посебниот Закон за сопственост, кои, како што вели, „даваат многу интересни можности“.

„Преку овие закони, на пример, се обезбедуваат добри услови за некој што веќе има поголема групција, таму да основа холдинг-компанија, а потоа да има компании во други земји. Инаку, во последно време постои силен притисок во јавноста, па дури и на меѓународно ниво, да се пронајдат неоданочени или валкани пари. Бидејќи во Луксембург количински има многу пари, започнаа да ја проверуваат и таа земја. Но, едноставно, Луксембург има одредени погодности за седиштето на компаниите“, вели Ковачевиќ.

Тој додава дека дури во одреден период главната ставка во буџетот на Луксембург биле даноците од банките и трансферите.