Коморите бараат „туристички балон“ за Западен Балкан, а од ЕУ да ги укине заштитните мерки за увоз на челик

Коморскиот инвестициски форум (КИФ) во кои се вклучени стопанските комори од земјите на Западен Балкан, покрена иницијатива земјите од регионот да бидат изземени од примената на заштитните мерки за увоз на челик во ЕУ, соопшти денес во видео обраќање Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија. Коморскиот инвестициски форум исто така го покрена и прашањето за обезбедување слободно движење помеѓу државите од регионот на Западен Балкан, како мерка за спас на туристичкиот сектор и формирање „патнички коридор“ односно „туристички балон“.

Заштитните мерки за увоз на челик во ЕУ кои се применуваат од 01.02.2019 година, предизвикуваат сериозни негативни ефекти врз работењето на оваа индустрија во целиот регион. Во однос на македонската челична индустрија, во изминатиот период се бележи драстичен пад на увозот и извозот на производи поврзани со челикот во државата, истакна Пешев.

Така, во периодот јануари-декември 2019 година, во споредба со истиот период претходната година, се бележи пад на увозот на суровини и репроматеријали од 3 отсто во однос на стоките во кодот 72 според ХС (железо и челик) и пад од 6 отсто на стоките во кодот 73 според ХС (производи од железо и челик).

Истовремено, како резултат на воведените заштитни мерки, во периодот јануари- декември 2019 година, во споредба со истиот период претходната година, извозот на производи во ЕУ во кодот 72 според ХС бележи пад од 2,46 отсто, додека извозот на производи во кодот 73 бележи пад од 31,21 отсто“, објасни Пешев додавајќи дека ваквиот тренд продолжува и во 2020 година.

Во 2019 година нашата држава имала 5 отсто помал извоз во ЕУ, а со тоа изгубила 17.742.332 евра. Во 2020 трендот продолжува“, вели Пешев.

Иницијативата за изземање на земјите од Западен Балкан од примената на заштитните мерки за увоз на челик во ЕУ е испратена до претседателката на Европската комисија, високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и комесарите за трговија и за проширување и добрососедска политика, а имајќи ги предвид блиските врски на регионот со ЕУ, како и тековните процеси согласно склучените спогодби за стабилизација и асоцијација, појасни Пешев.

Во однос на последиците од корона кризата  врз туристичкиот сектор, Коморскиот инвестициски форум го покрена и прашањето за обезбедување слободно движење помеѓу државите од регионот на Западен Балкан, како мерка за спас на туристичкиот сектор.

Пешев рече дека според UNWTO, тековните сценарија укажуваат на пад од 58 отсто до 78 отсто кај меѓународните туристички патувања во 2020 година. Проекциите зависат од брзината на задржување и од времетраењето на ограничувањата за патување и исклучувањето на границата.

Овие сценарија одразуваат три можни модели на месечна промена на патувањата од април до декември 2020 година, претпоставувајќи дека патните ограничувања почнуваат да се укинуваат и националните граници да се отворат: 1. – на почетокот на јули (Сценарио 1: -58 проценти); 2. – на почетокот на септември (Сценарио 2: -70 проценти ); 3. – или на почетокот на декември (Сценарио 3: -78 проценти)“, рече Пешев, додавајќи дека овие три можни модели укажуваат дека се директно во ризик 100 до 120 милиони директни туристички работни места.

Тој објасни дека Коморскиот инвестициски форум до премиерите на шесте држави од регионот на Западен Балкан покрена иницијатива за формирање на посебен „патнички коридор“, односно своевиден „туристички балон“ за државите од регионот на Западен Балкан, што би подразбирало да се укине сегашниот период на самоизолација или карантин помеѓу земјите од Западен Балкан, што ќе овозможи слободно движење за потреби на работа или за туристички цели помеѓу државите од регионот на Западен Балкан.