Комитет за воздухопловни несреќи: Проверивме, немало забрана за слетување во Скопје


Претседателот на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ), Зоран Илиевски, вели дека покренатата истрага ќе ја покаже вистинската причина за падот на „цесната“ и дека дотогаш сè е само шпекулација.

Несреќите, сериозните инциденти и инцидентите во цивилното воздухопловство се во ваша надлежност. Што правите во случајов?

Основна задача на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти е да се најде причината за паѓањето на авионот, со најголема веројатност. Во повеќето случаи се доаѓа до причината. Потоа, Комитетот прави препораки заради идни превенции. Кога има ваков настан, Комитетот прави увид на самото место. Денеска успеавме да го направиме увидот. Местото на несреќата е над 2.200 метри, има од 30 сантиметри до половина метар снег и затоа синоќа немаше услови за увид. Сите собрани податоци, факти и снимки ќе почнеме да обработуваме дел по дел. Покрај професионално именуваните лица од Комитетот, со решение, во истрагата се вклучуваат и надворешни експерти, од авоинженерство, контрола на летање и други. Се формира посебна комисија која може да побара помош и од други надлежни органи – МВР, Агенција за цивилно воздухопловство и други. Важно е да се знае дека Комитетот треба да утврди причина за несреќата, не вина. За вината е надлежно обвинителство.

Се појави шпекулација дека пилотот побарал, но контролорот не му дозволил слетување во Скопје поради ВИП-патник?

Денеска е извршена проверка на таа информација. Исклучиво тврдам дека таква работа не постоела. Тоа е недозволиво во воздухопловството. И да има сообраќај, контролорот може да му даде насока каде да лета и да му каже да чека одреден период, ама да му каже ‘не смееш да слеташ’, па посебно заради ВИП, ЦИП-патник, не е можно. Но оваа информација ќе биде дел од истрагата.

Која е причина за падот на „цесната“?

Додека трае истрагата, не се говори за причина, додека не се потврди сè. Иако причината може да биде видлива уште од почетокот.

Лани во светот имало 13 несреќи со овој тип авион. На што се должат?

Честопати причина е недоволната обученост на пилотот за летање во лоши метеоролошки услови. Некогаш се работи за техничка неисправност, ако не е проверен воздухопловот како што треба. Но секој е случај за себе. И во овој случај ќе земеме искуства од претходни истражувања.

Има информација дека пилотот не знаел да лета по инструменти, туку само визуелно. Дали е тоа една од опасностите за несреќа?

Точно е дека пилотот немал сертификат за инструментално летање. Тој летал визуелно, секогаш треба да ја гледа земјата под себе. Кога е убаво времето, не е опасно. Во лоши метеоролошки услови, подобро да не лета.

Која е препораката на КИНСИВ?

Треба да стигнеме до препораката. Таа ќе произлезе од заклучоците до кои ќе дојдеме.

Анита Салтировска