Комисиска виза за законите за користење на енергија од обновливи извори и за возила
На денешната седница на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, поминаа предлог законите за користење на енергија од обновливи извори и за изменување и дополнување на законот за возила, во прво читање.
Воведно образложение по првиот предлог закон, даде претставникот на Владата, заменик министерот Мирослав Лабудовиќ.
– Предлог законот за користење на енергија од обновливи извори воспоставува современа и сеопфатна рамка за поттикнување на производството и користење на енергија од обновливи извори, рече Лабудовиќ.
Тој истакна дека донесувањето на овој закон претставува исполнување на нашите обврски кон енергетската заедница и претставува значен чекор во процесот на усогласување на нашето законодавство со тоа на Европската Унија, во областа на енергетиката и климатските политики.
Притоа нагласи дека предлог законот обезбедува услови за забрзано зголемување на уделот на енергија од обновливи извори во вкупната финална потрушувачка на енергија, како и за нивна, поефикасна интеграција во електроенергетскиот систем.
– Истовремено, се создаваат предуслови за намалување на зависност од увозна енергија, диверзификација на енергетски извори и јакнене на енергетската сигурност и отпорност на државата во услови на зголемени геополитички и пазарни предизвици, подвлече заменик министерот.
На седница на комисијата, помина и Предлог законот за изменување и дополнување на законот за возила, во прво читање, поднесен од неколку пратеници. Образложение за него, даде пратеникот Тони Јаневски.
Според најавите, целта на предложените измени и дополнувања на Законот за возила е да се постигне поголема правна сигурност, доследна примена на изречените забрани и зголемена ефикасност во вршењето надзор, како и спречување на злоупотреби во вршењето на дејноста регистрација на возила.
Комисијата заклучи дека предлог законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.