Комисијата зачудена од нападите од Независната угостителска комора

Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести е зачудена од нападите и квалификациите кон неа од Независната угостителска комора со оглед на тоа што Комисијата во изготвување на сите протоколи досега активно комуницираше со сите чинители, вклучително и со угостителите. Протоколите се на сила повеќе месеци и Комората досега немаше проблем со истите, напротив го поздравија и се согласија со нивното донесување, соопшти Министерството за здравство.

Препораките за новите мерки, како што се посочува, целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со Ковид-19.

Трансмисија на вирусот се случува најмногу меѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави. При тоа, новите мерки и малата промена на протоколите апсолутно не го ограничуваат работењето на угостителските објекти кои и досега можеа да работат, туку превенираат поголеми собири и настани, стои во соопштението.

Дополнително, како што се нагласува, во целиот свет и Европа во моментов има есенски бран каде меѓу првите мерки е целосно затварање на баровите и рестораните, а на многу места веќе има нови вонредни состојби.

Целта на Комисијата за заразни болести е со помеки мерки, а не преку целосно затворање на угостителските објекти да се намали ризикот за ширење на вирусот, а индустријата да може да работи. Искрено се надеваме дека ќе имаме и понатаму успешна соработка и разбирање за одлуките бидејќи тие се исклучиво во насока на заштита на јавното здравје, се наведува во соопштението.

Независната угостителска комора (НУК) денеска преку соопштение реагира на вчерашното донесување на најновите владини мерки. – Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели, посочуваат од Независната угостителска комора.