Комисијата за заштита од заразни болести утре со нови мерки против пертусис


Утре, Комисијата за заразни болести ќе побара од Државниот здравствен инспекторат да спроведе забрана за одење во детски градинки на децата кои не се вакцинирани против пертусис, објави Телма.

Според првиот човек на Комисијата, професор Александар Петличковски, овие мерки можеа да бидат спроведени и порано. Речиси цел месец по прогласувањето на епидемија на пертусис во Скопје градинките сè уште ги чекаат насоките на надлежните институции да не се примаат деца кои се невакцинирани или делумно вакцинирани. За разлика од нив вакциналните пунктови, веднаш по првите препораки на Комисијата за заразни болести, започнаа да работат во две смени, вклучувајќи и сабота.

Се очекува Комисијата за заразни болести да даде препорака до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да ги задолжи градинките да се направат списоци на вакцинирани и невакцинирани деца и да забранат прием на невакцинирани деца.

Вакциналните пунктови работат во две смени и во сабота. Вакцинацијата се одвива засилено откако на подрачјето на Скопје беше прогласена епидемија од голема кашлица или пертусис.

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 18 јануари до сега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од Јавно здравје, вршат интензивно пребарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје досега се регистрирани 56 случаи на голема кашлица, од кои дури 54 се во Скопје. Најголем број се во општините Аеродром, Карпош и Центар.