Комисијата за заразни болести треба да одлучува за олабавување на мерките


фото: Б. Грданоски

Од резултатите на тестирањата, дали ќе има помал или поголем број новодијагностицирани со коронавирусот, ќе зависи димензионирањето на натамошните мерки и постепеното отворање на економијата, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче. Тие резултати денеска ќе бидат анализирани на состаноци на Комисијата за заразни болести и на централниот Штаб на Владата, по што ќе се знае како точно ќе се димензионираат мерките и кои субјекти прво ќе бидат отворени.

Ако денешната бројка на новодијагностицирани, од тестирања направени вчера, е повторно онаква како како што покажува трендот од изминати две недели, а не како завчера, таа би се толкувала како варијација, и ќе биде препорачано постепено отворање на институциите.

-Тие што организираат едукации, курсеви, автошколите би биле тие кои ќе бидат први, кои ќе почнат да функционираат согласно предлозите, изјави вчера министерот, додавајќи дека за овие предлози ќе се дискутира на денешниот состанок и ќе бидат предложени до Централниот штаб во Владата.

Приоритет ќе имаат оние кои лесно можат да воспостават ред, дистанца, дезинфекција, носење маски, и оние кои можат да овозможат шалтерски систем, појасни министерот.

Прашан за олабавување на мерките за спортистите, Филипче истакна дека се размислува да се дозволат индивидуалните спортови, но потенцира како сетоа тоа понатаму како ќе се одвива ќе се знае по денешните состаноци.

Во врска со скринингот, тој вчера повтори дека тој  ќе биде таргетиран на одредени критични групи вработени во здравствени институции, градинки и домови за стари лица за да се откријат асимптоматски носители.

-Затоа што во таа ситуација би донеле мерки што ќе важат само за тие групи кои сметаме дека се покритични и поризични односно ќе се открие присуство на вирус и покрај тоа што се асимптоматски, рече тој додавајќи дека активноста ќе се спроведува со матичните лекари и стоматолози, во соработка со центрите за јавно здравје.

Во врска со аеродромите, Филипче рече дека е се уште рано да се отворат.

Тој оцени дека Велес не е ново жариште за ширење на коронавирусот бидејќи инциденцата е многу мала, помала и од Куманово и од Прилеп. Сите случаи се поврзни со веќе докажани пациенти, односно дефиниран е кластерот.

Тој се осврна на завчерашниот масовен верски собир во Струга и рече дека засега нема посебни мерки или препораки од епидемиолозите за тој град. Но, министерот потенцира дека ваквите настани сериозно може да влијаат, зашто и најмала трансмисија понатаму може преку кластер да се прошири со примарни или секундарни контакти.

Министерството за здравство информираше дека вчера биле потврдени 14 нови случаи на Ковид -19, едно лице починало. Се работи за пациент од Тетово на возраст од 61 година, кој бил хоспитализиран на 28 априла во ГОБ „8 септември“. На Институтот за јавно здравје вчера биле регистрирани 20 оздравени пациенти, по градови во: Скопје и Битола по еден, во Куманово девет, Прилеп двајца, Велес седум.

Направени биле 242 тестирања. Од 14-те нови случаи на Ковид-19, од Скопје се пет, Прилеп-2, Тетово-1 и Велес-6.

Согласно ова вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1586, бројката на оздравени пациенти е 1099, на починати е 90, а до вчера бројот на активни случаи во земјата изнесуваше 397.