Комисијата за заразни болести предлага рестораните и пабовите до 21 јануари да се затвораат во 18 часот


Фото: Б. Грданоски

До Владата е предложено и да се забранат прославите на Нова година во затворени простори, а и групирања на плоштадите по градовите

 

Ќе се заоструваат рестриктивните мерки како што доаѓа времето на новогодишните, божикните и другите верски празници. Комисијата за заразни болести ќе ѝ препорача до Владата да се воведе нов пакет рестриктивни мерки кој ќе важи за периодот од 18 декември до 21 јануари. Такви мерки презедоа најголемиот број европски земји (Германија вчера донесе одлука – ги затвора сите продавници и ресторани во овој период) за да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19.

„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти:  реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препораки кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Сепак, препораката до Владата нема да биде угостителските објекти целосно да се затворат туку да работат до 18 часот, наместо до 21 часот како што е досега.

Комисијата за заразни болести, исто така, препорачува забрана за групирање по плоштади за пречек и прослава на Новата година, како и секаков вид собири во периодот на празниците. Во медиумите се појавија многу информации дека викендичките во многу зимски туристички центри наводно биле веќе издадени за прослава на Нова година на групи млади луѓе што може да претставува ситуација за супер ширење на вирусот. 

Комисијата ќе достави и препорака за групирање во станови за престојните празници, а ќе им препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.

Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.

Филипче изјави дека Комисијата апелира да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба.

Ова е критичен период во кој треба да се намали ширењето на корона вирусот и откако се стабилизира бројот на новите инфекции, тој да почне побрзо да се спушта надолу. Новогодишните празници ќе бидат клучниот тест за пандемијата во Македонија.

Независната комора на угостители испрати свои претставници на денешниот состанок на Комисијата и тие не се согласиле со предложените мерки. Секторот е во голема криза поради пандемијата, но и целата држава е во огромна криза, но угостителите очигледно на работите гледаат само од свој дискурс, иако како и насекаде во светот така и овде рестораните и пабовите се едни ог главните места за ширење на вирусот.

Јосифовски вели дека загубите на угостителите се огромни, а дополнителен проблем им претставува и обврската за исплата на плати до јануари, а по основ на претходно земените субвенции, бидејќи како што рече мерките за нивно работење постојано се менуваат, а помошта никаде ја нема.

Претставникот на угостителите, Здравко Јосифовски, по средбата изјави дека за нивните барања немало никаква дискусија. „Денес беше фарса пред јавноста и Комората за на некој начин да се укаже дека одлуките што ги наумиле ќе ги носат без оглед на реалноста и ефектите кои тие ќе ги предизвикаат, вели Јосифовски. Без да посочи докозаи, тој тврди дека угостителските објект во кои се почитуваат препораките и мерките не се извор на зараза, а дека вирусот се ширел само таму каде што не се почитувале протоколите.

Владата ќе ги разгледува предложените мерки на утрешната седница. (Н.В.)