Комисијата за заразни болести ќе расправа за отворање на границите

 Владата и даде насоки на Комисијата за заразни болести да се разгледа и прашањето за отварањето на границите, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски во Куманово по завршување на  координативна средба на кандидатите за пратеници за Изборна единица 2 од коалицијата на СДСМ.

– Владата даде насоки на Комисијата за заразни болести да се разгледа и прашањето на отварањето на границите заедно и во соработка со Министерството за надворешни работи за да искоординираме и  со соседните држави и со државите од регионот и пошироко. На основа на тоа ќе ги носиме и одлуките. Јас очекувам дека ќе ја донесеме таа одлука многу скоро и ќе можеме да имаме слободен проток на границите, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ја разгледува  можноста за отварање на границите.
Тој рече дека животот мора да се враќа во нормала и да се научиме да живееме со вирусот како што се и претпоставките на сите и на СЗО.