Комисијата за заразни болести и Владата треба да одлучат како ќе се одвива учебната година
-Апсолутно Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик по здравјето и на учениците, нивните родителите и на вработените во училиштата доколку училиштата целосно се отворат и да функционираат од почетокот на септември, изјави Филипче. Додаде дека не само децата се во ризик, туку и нивните родители, некои од нив се и со хронични болести, и затоа нивните насоки се сепак да се стави акцент на онлајн настава.
Според министерот Филипче, треба да се донесе тешка одлука. – Нема идеално решение. Мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди и функционален едукативен процес многу битен за развојот на детето, рече Филипче.

Заеднички состанок вчера имаа Комисијата за заразни болести со претставници на Министерството за образование и наука (МОН), на која присуствуваше и министерот за образование и наука Арбер Адеми. Конечна одлука не беше донесена.
Во Министерството за образование и наука преовладува ставот за моделот физичко присуство на учениците, но според епидемиолошката состојба. Трите модели што ги содржи планот на МОН се настава со физичко присуство со мерки за заштита и растојание од 1,5 метар, далечинско учење или онлајн-настава и комбинирана – пред сè за училиштата со голем број ученици. Тие би се поделиле на помали групи – една која би следела настава со физичко присуството една недела, а во исто време другата група ќе следи онлајн.
– Треба да се остави флексибилност на МОН и на Владата да го приспособи образовниот процес кон епидемиолошката состојба и флексибилно да се обезбеди премин од еден во друг модел. Во МОН преовладува мислење дека треба да се организира настава со физичко присуство, но секогаш имајќи ја предвид епидемиолошката состојба и условите во училиштата. Тоа значи дека секаде каде што ни дозволува епидемиолошката состојба да се организира наставата со физичко присуство и секаде каде што има услови да се организира наставата со физичко присуство, имајќи ги предвид протоколите што ги предвидовме и подготвивме, тогаш би требало да се организира наставата на таков начин. Нашиот став е јасен. Нема замена за наставата организирана со физичко присуство, но, сепак, треба да водиме сметка за здравјето на нашите ученици и за епидемиолошката состојба, рече Адеми.
Адеми напомна дека без разлика на тоа кој модел ќе се избере, ќе треба да се направат измени на законите за основно и за средно образование, како што е бројот на ученици во паралелка или предлогот да се скратат наставните часови од 40 на 30 минути во основно, односно од 45 на 35 минути во средно. За тоа е потребно функционално Собрание, посочувајќи на можноста и за пролонгирање на почетокот на учебната година.

Досега нема одлука за отворање на градинките. Министерството за труд и социјална политика информира дека на вчерашниот состанок со Комисијата за заразни болести и претставници на Министерството за здравство е одлучено да се направи ажурирање на податоците за бројот на деца за кои родителите се изјасниле дека ќе посетуваат градинка.
-Согласно донесениот Протокол, приоритет за згрижување има дете на самохран родител којшто е во работен однос и дете на двајца родители кои се во работен однос, а работните задачи мора да ги извршуваат на работното место. Информацијата ќе биде изработена врз основа на податоците од сите градинки, јавни и приватни, соодветно на доставените потврди од родителите, соопштија од МТСП.