Комисијата за заразни болести бара дополнителни информации за училиштата и градинките


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести во присуство на претставници на Министерството за образование и наука денеска повторно беа разгледани и се дискутираше за Планот за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година подготвен од МОН, од аспект на безбедност на сите чинители во наставниот процес – учениците, наставниците, помошниот персонал, како и од аспект на спречување на ширење на заразата со коронавирус во училиштата.

Од страна на Комисијата за заразни болести беше побарано од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини земјата и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.

Денес на Комисијата за заразни болести беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледуваа и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките.