Комисијата за спречување на дискриминација влезе во бугарскиот клуб во Битола

Комисијата влезе во клубот откако добиле претставка од некое здружение на граѓани дека тој е дискриминаторски


Весна Бендевска, член на Комисијата, пред бугарскиот клуб во Битола

 

БИТОЛА – Комисијата за заштита и спречување на дискриминација денес влезе во бугарскиот клуб во Битола кој го носи името на Ванчо Михајлов, контроверзната личност од македонската историја.

Весна Бендевска, член на Комисијата и екс-пратеничка од редовите на СДСМ,  вели дека увидот го најавиле и бил по претставка на здружение на граѓани кое го пријавило бугарскиот клубот за дискриминација, но не даде детали што е тоа дискриминирачкото во клубот. Претставници на Комисијата точно на пладне влегоа во клубот, а таму покрај членови на клубот беше присутен и бугарскиот конзул во Битола, Димитар Иванов.

„Ова е увид согласно член 29 од Закон за спречување и заштита од дискриминација. Работиме на претставка поднесена од здружение на граѓани. Должни сме да ја сослушаме и другата страна. Овој пат дојдовме на најавен увид, од пред една недела, во просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува поднесителот во претставката. Комисијата не дава и не прејудицира наводи. Ќе се произнесеме штом заврши постапката. Има уште неколку институции што ќе мора да ги посетиме, да пријавиме документи, потоа мислењето ќе го објавиме пред јавноста и ќе биде јавно достапно на веб-страницата“, рече Бендевска.

Битолските членови на клубот велат дека увидот поминал коректно и немаат забелешки на посетата на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација, но не знаат што барала комисијата и што точно гледала.

„Добро помина сѐ, членовите на Комисијата се најавија и денеска дојдоа, а ние го повикавме и конзулот на Бугарија, господинот Иванов. Не знаеме што им беше целта да видат во клубот, само фотографираа како се поставени сликите и паноа, и толку. Ни кажаа дека доаѓаат по реакцијата од некое здружение, но не знаеме што е точно дискриминаторско во клубот. Ќе нѐ известат, иако не кажаа кога тоа ќе се случи“, изјави за „Независен“ Георги Црномаров, член на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. 

Како што веќе е познато во Клубот на ѕидовите стојат големи паноа од историски личности – Гоце Делчев и Даме Груев, тука се фотографиите и од  Ванчо Михајлов, Тодор Александров, Владо Черноземски, Мара Бунева, како и врамен текст од Ванчо Михајлов  на кој пишува „Можеме да се гордееме, бидејќи знамињата на ВМРО и Илинден беа и остануваат човекови права и слободи. Значи, залудни се сите напори на маскираната македонска ‘нација’ да го лаже светот“.

Бугарскиот клуб во Битола покрена лавина на спротивставени реакции во македонската и бугарската јавност, особено што на отворањето на клубот кој се наоѓа во срцето на Битола присуствуваше државниот врв на Бугарија. Она што им пречи на битолчани е што клубот се прокламира за културен клуб, а го носи името на соработник на фашистите во Втората светска војна. Познатиот пејач Ламбе Алабаковски само кратко време по отворањето на клубот ја опожари влезната врата. Тој за овој случај се брани од слобода.