Комисијата за помилување поднесе колективна оставка, притисокот беше преголем
Комисијата не го издржа притисокот на јавноста и на политиката, иако таа не е клучниот „виновник“. Одлуките за помилување ги носи Сиљановска
Случајот со помилувањето на Акиф Равмановски, ја однесе првата „жртва“. И тоа колективна.
Вечерва професорот Гордан Калајџиев на својот Фејсбук профил објави дека сите членови на Комисијата за помилување составена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поднесле оставка.
Во својата објава Калајџиев пишува:
„Со ова ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на Комисијата за помилување.
Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи.
Со почит, проф. д- р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска и Ајтен Шаќири“.
Со ова заврши еден чин од бурата што ја зафати македонската јавност откако се дозна дека Комисијата предложила, а Сиљановска одлучила да го помилува Равмановски, кој бил во затвор, но излегувал дење да работи, и според тврдењата на полицијата во скопски Чаир пукал кон 35-годишен скопјанец со намера да го убие, но го ранил само во ногата.
Равмановски по излегувањето од затвор согласно помилувањето на Сиљановска беднаш беше уапсен поради сомнеж за обид за убиство. Вештачењата за присуство на барутни честички потврдиле дека тој пукал со пиштол во Чаир.
Помилуваниот од Сиљановска, Равмановски, според наводите на медиумите, бил припадник на скопскиот нарко клан „Барон“, поради што одлуката за помилување предизвика лавина реакции во јавноста.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред неколку дена изјави дека Комисијата за помилување се водела од конкретни дела во врска со помилувањата. Таа смета дека Комисијата е составена од експерти кои се врвни во својата област и оти треба да ја почитува нивната работа. Таа рече дека не ги знае ниту имињата на помилуваните, а при потпишувањето на одлуките се водела од делото. „Личностите се навистина интересни во негативен смисол на зборот, тоа е факт, тоа сега го гледам“, рече таа во средата (23.10).
Сиљановска-Давкова експресно ги прифати оставките на членовите на нејзината комисија. Во соопштението од нејзиниот кабинет се дознава дека тие претходно ја информирале за оставките.
„Во следниот период претседателката Сиљановска ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица“, се вели во соопштението.
Интересно, таа не им се заблагодари на работата на досегашните членови на Комисијата, иако со дел од нив беа колеги на Парвниот факултет.
Професорот Калајџиев во острата дебата во поткастот „На кавга со Иван“ на Канал 5 рече дека Комисијата воопшто не знаела за криминалното досие на Равмановски, дека пукањето во Чаир било откако тие веќе ја имале донесено одлуката. Според него, Министерството за правда им доставило стотина имиња за помилување (до тој инструмент се доаѓа само по лично барање на осудениците), а тие се одлучиле за 10. Тој спомена дека нивниот предлог како Комисија за поранешниот граноначалник на Битола, Владимир Талески бил да доби неколкумесечно помилување, но дека Сиљановска се одлучила опростот на казната да биде една година.
Калајџиев зборуваше дека имало огромен притисок на медиумите и во другиот дел од јавноста (како и политички партии) за нивната работа, како да се тие главни виновници за скандалот, иако Комисијата е само посредник во она што го доставува Министерството за правда и шефот на државата кој има неприкосновено право да одлучи кого ќе помилува и колку. Во оваа ситуација кон Комисијата за помилување се насочи гневот, а беше сочуван дигнитетот на Сиљановска, иако таа е последната инстанца за „личностите кои се интересни во негативен смисол“.
Калајџиев рече дека тие даваат само предлози , но дека конечниот збор го има претседателксата Сињановска – таа може да се согласи или да ги одбие нивните предлози. Или да ја намали или да ја зголеми временската отсечка за помилување.
Во средата членовите на Комисијата беа на средба со Сиљановска. Што било разговарано на таа средба и што било одлучено за минимизирањето на штетата, не се дозна. Двајцата нејзни членови, Каневчев (кој беше претседател) и Калајџиев потоа дадоа изјави за телма во кои не споменаа ништо од разговорот кај претседателката, но даваа образложение за нивните одлуки.
Изминативе денови министерот за правда, Игор Филков, рече дека на Комисијата ѝ треба „освежување“, иако таа беше формирана пред само четири месеци од новиот шеф на државата.
„Освежувањето“ очигледно дојде со колективната оставка на членовите на Комисијата за помилување. (Н.В.)