Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ги прифати измените на Законот за административни службеници

Членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го разгледаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници во прво читање, поднесен од група пратеници и со осум гласа „за“ констатираа дека тој е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање.

Потребата од донесување на законот во име на предлагачот ја образложи пратеничката Снежана Калеска Ванчева, која рече дека со овој закон се интевенира само во еден член, поточно во еден став или став 5 на член 98 од Законот за административни службеници.

Потребата, како што рече, доаѓа од она што значи усогласеност и на некој начин хиерархиска поставеност на прописите од работното законодавство. Таа истакна дека имајќи предвид дека се интервенира во Законот за работни односи, во делот на она што значи услови за престанок на договор за вработување со исполнување на 64 години возраст или старост и 15 години пензиски стаж се јави потреба од интервенција и во Законот за адиминистартивни службеници на тој начин што ќе се изврши усогласување во работното законодавство. Во Членот 2 од Предлог-законот стои дека овој закон влегува во сила осмиот ден од  денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ побара од предлагачите на законот да се види врз основа на кои анализи го имаат предложено ова законско решение, дали се направени контакти со репрезентативните синдикати што ги штитат правата на вработените во јавниот сектор, дали е разговарано со сите засегнати страни. Укажа дека секојдневно се објавуваат огласи за вработување во администрацијата, а според нив околу 10.000 вработени ќе заминат во пензија и побара да се дадат конкретните анализи за што станува збор и дополнителните области каде ќе има отстапки.

-Бараме да се предочат овие анализи и да не убедите како предлагачи, суштински да поразговараме на оваа тема и да ја оттргнете онаа перцепција кај целокупното население дека всушност станува збор за дополнителна партизација на администрацијата. Со пензионирање на толкав голем број вработени, дополнително вие планирате да ги вработите вашите кадри директно, рече Ефтимов. Праша каде е функционалната анализа врз основа на степенот на образование, потребата на институциите, степенот на одговорност и обемот на работа…

Во фокусот на дискусијата на членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците беше стручноста и квалитетот на јавната и државна администрација, како образованието, компетенциите, наспроти политичките и партиски ангажмани. Пратениците од опозицијата побараа компаративна анализа како е во регионот и кај нас, оценка на состојбите во земјава по сектори и заострување на критериумите за вработување во администрација.