Комисијата за финансирање и буџет: Наместо расправа за Предлог-законот за буџети, формирана работна група


Фото: Б. Грданоски

Денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет почна со процедурални забелешки, по што беше прекината. Материјалната расправа по законите не почна.

Претседавачот на Комисијата Бојан Стојаноски образложи дека седницата е прекината бидејќи за Предлог-законот за буџети, којшто е во второ читање, има поднесено над 120 амандмани од политичките партии, а забелешки на законското решение има и собраниската администрација.

– Формирана е работна група од претставници од сите политички партии која треба да работи на усогласување на текстот на ова законско решение. Во моментот, претседателот на Собранието Талат Џафери не е во државата, очекуваме утре да биде тука и да ја свика работната група, рече Стојаноски.

За пратениците од парламентарното мнозинство, нема никаква основа да се пролонгира денешната седница. Барањето на опозицијата го оценија како обид да се блокира работата на Собранието.

– Нема да дозволиме блокада на Собранието. Ова што го правите очигледно има други намери, нема никаква врска со законите, рече Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ, забележувајќи дека седницата почнала со процедурални забелешки уште пред да биде усвоен дневниот ред и дека целта е Комисијата да не почне со работа.

Неговиот сопартиец Диме Велковски посочи дека седницата е закажана уште минатата недела и дека на дневен ред се закони по редовна постапка од кои дел се во собраниска процедура уште од минатата година.

Покрај Предлог-законот за буџети, на дневен ред на 37. седница се и измените на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост, Предлог-законот за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење на вработени во Министерството за внатрешни работи и безбедносно разузнавачки служби, измените на Законот за јавни набавки и на Законот за финансиска полиција.