Комерцијална банка со рекордна добивка лани и со предлог за рекордна дивиденда. Еве колку ќе изнесува
УО на банката ќе предложи за бруто-дивиденда во вкупен износ од 46,3 милиони евра, или за една обична акција 1.250,00 денари. Лани банката ја заврши со нето добивка од 80 милиони евра
Акционерите на Комерцијална банка имаат причина да бидат задоволни од висината на дивидендата која ќе биде предложена од Управниот одбор на најуспешната банка во Македонија и која во бруто износ ќе биде 37,4 отсто повисока од лани.
Според информацијата објавена на Македонската берза, УО на Комерцијална банка ќе предложи за бруто-дивиденда во вкупен износ од 2.848.834 илјади денари (околу 46,3 милиони евра), или за 1 (една) обична акција ќе се предложи бруто-износ од 1.250,00 денари.
„Врз основа на финансискиот резултат утврден за 2024 година и Програмата на мерки и активности на деловната политика и финансискиот план на Комерцијална банка АД Скопје за 2025 година, усвоена на 30.01.2025 година од страна на Надзорниот одбор на Банката, Управниот одбор на Банката планира до Надзорниот одбор на Банката, а соодветно и до Собранието на акционери, да достави Предлог Одлука за распоредување на добивката со која ќе се исплати бруто-дивиденда во вкупен износ од 2.848.834 илјади денари, како и Предлог Одлука за определување на износот на дивиденда за 2024 година со која за 1 (една) обична акција ќе се предложи бруто-износ од 1.250,00 денари. Предложениот бруто износ од 1.250,00 денари за 2024 година е за 37,4 % повисок во однос на дивидендата за 2023 година“, се вели во информацијата на Комерцијална банка доставена до Берзата.
Овој предлог доаѓа по објавените деловни резултати за минатата година, според кои во периодот од 01.01. до 31.12.2024 година Банката од своето работење оствари добивка пред оданочување во износ од 5.482,1 милиони денари (околу 89,1 милиони евра, заб.) наспроти 3.912,6 милиони денари (околу 63,6 милиони евра, заб.) во 2023 година, што претставува зголемување за 40,1 отсто.
„Планираната добивка за 2024 година е остварена со 129,5 %. Данокот на добивка во 2024 година изнесува 557,3 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 4.924,8 милиони
денари (околу 80 милиони евра, заб.), или 37,5 отсто повеќе во однос на минатата година“, се вели во коментарот на неконсолидирани и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба
на Комерцијална банка АД Скопје за периодот 01.01 – 31.12.2024 година, објавен на интернет страницата на Берзата.
Од Комерцијална банка посочуваат дека нето-добивката, која ги надмина очекувањата за годината, е остварена во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, побавното намалување на инфлацијата што резултираше со повнимателно релаксирање на монетарните политики на ФЕД и ЕЦБ, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата.
И покрај тоа, домашната економија забележа одредена стабилизација во однос на кризните периоди кои претходеа, што придонесе за поттикнување на инвестицискиот циклус во реалниот сектор, во чија поддршка Банката учествуваше преку зголемен обем на кредитирање. Дополнително, високата ликвидност со која располага Банката беше искористена за прудентно димензионирање на структурата на активата и пласирање средства во инструменти со помал ризик, но со задоволителни приноси, се вели во извештајот.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 31,7% поголема во однос на минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето-приходи од камата, а во помал обем и поради зголемените нетоприходи од провизии и надомести и нето-приходи од тргување.
Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, како и поради зголемениот износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Вкупните приходи од работењето изнесуваат 8.896,3 милиони денари и бележат зголемување од 25,9 % во однос на минатата година, се вели во извештајот.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2024 година истите бележат зголемување од 14,5 % во однос на минатата година. Планот е исполнет со 114,0 %.
„Приходите по основ на камата се зголемени вкупно за 17,1 % како резултат на зголемени пласмани кај сите сектори и покрај отпочнатиот тренд на намалување на референтните каматни стапки во текот на второто полугодие. Имено, ЕЦБ изврши намалување на трите основни каматни стапки и соодветно на тоа, НБРСМ започна со релаксирање на монетарната политика“, се вели во извештајот.
Расходите по основ на камата се зголемени за 41,3 % поради зголемените орочени депозити споредено со минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,63 % на крајот од минатата година, на 3,85 % со 31.12.2024 година, се посочува меѓу другото во извештајот.
Во делот посветен на Билансот на состојба се вели дека вкупната актива на Банката на 31.12.2024 година достигна износ од 178.612,4 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележи зголемување од 9,2 %.
Притоа, како што се објаснува, зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемените кредити на комитенти, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 103,6 %.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 154.635,3 милиони денари и бележат зголемување од 8,1 %. Планот е остварен со 103,3%.
Обврските по кредити изнесуваат 1.456,8 милиони денари и се зголемени во однос на декември 2023 година за 66,2 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Истите имаат минимално учество од 0,8% во вкупната пасива на Банката. Во извештајниот период се повлечени средства од кредитните линии: ЕИБ VII преку РБСМ (кредитна линија за трајни обртни средства и инвестиции на МСП, средно пазарно капитализирани компании и зелена транзиција), ДИГ/ЕЕ/ОИЕ преку РБСМ (кредитна линија за дигитализација, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија), кредитната линија GEFF III на ЕБОР (кредитна линија за енергетска ефикасност на домаќинства) и кредитната линија на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд – ИФАД 2. Планот е остварен со 138,3 %.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.12.2024 година достигнаа износ од 20.860,9 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележат зголемување од 15,8 % како резултат на зголемената задржана добивка (во најголем дел нераспределена добивка за 2024 година) и зголемените останати резерви согласно Одлука за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери во март 2024 година. Планот е реализиран со 103,4 %.
Во однос на очекувањата за претстојниот период, од Комерцијална банка велат дека макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на
2025 година се условени од домашните политички случувања и од сѐ уште неизвесниот
и непредвидлив глобален амбиент.
„Иако генералните очекувања се дека движењата во рамки на домашната економија ќе
имаат позитивна насока, притисоците и неизвесностите во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2025 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С. Македонија, ММФ и Светската банка“, се вели во извештајот.
Кредитниот раст на крајот на 2024 година достигна 11,2 %, а во 2025 година е проектиран на околу 7,0 %. Како резултат на стимулативните услови за штедење, растот на расположливиот доход на населението, стабилните очекувања и јакнењето на довербата, како и мерките преземени од страна на Народната банка за натамошно поттикнување на штедењето, депозитите, како најзначаен извор на финансирање, на крајот од 2024 година остварија солиден годишен раст од 12,4 %, а во 2025 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,6 %.
„Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.“, се вели во коментарот за деловните резултати во 2024 година на Комерцијална банка.