Комерцијална банка со извонредни резултати, за девет месеци остварена добивка од 72 милиони евра
Комерцијална банка продолжува со извонредни деловни резултати, остварувајќи рекордна добивка од 72 милиони евра во првите девет месеци од годинава. Како што се посочува во коментарот на неконсолидирани и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на Комерцијална банка АД Скопје за периодот 01.01 – 30.09.2024 година банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 4.422,6 милиони денари (околчу 71,9 милиони евра). За споредба во истиот период лани добивката беше 3.047,7 милиони денари (или околу 49,5 милиони евра) што значи дека годимнава порастот кај добивката е фантастични 45,1 отсто.
Од Комерцијална банка во извештајот до ставен во Македонскта берза, велат дека планираната бруто-добивка заклучно со третиот квартал од 2024 година е остварена со 139,3 отсто.
„Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 36,4% поголема во однос на истиот период минатата година“, се вели во изваштајот за работењето на банката.
Притоа, се додава дека зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето приходи од камата, а во помал обем и поради зголемените нето приходи од провизии и надомести и нето приходи од тргување. Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со истиот период минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, како и поради зголемениот износ на наплатени претходно отпишани побарувања.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 6.626,4 милиони денари и бележат зголемување од 29,5 % во однос на истиот период од минатата година. Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2024 година истите бележат зголемување од 16,2 % во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е исполнет со 113,4 %.
Приходите по основ на камата се зголемени вкупно за 20,0 % како резултат на зголемени пласмани кај клиентите од сите сектори, при што единствено кај нерезидентите отпочна трендот на намалување на каматните стапки споредено со истиот период минатата година заради намалувањето на трите основни каматни стапки од страна на ЕЦБ. Кај останатите сектори сеуште се одржуваат повисоките каматни стапки споредено со истиот период минатата година, во услови на отпочнато релаксирање на монетарната политика од страна на НБРСМ, се вели во извештајот.
Исто така зголемени се и расходите по основ на камaта и тоа за 58,7 % што се должи најмногу на зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година.
Нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,56 % заклучно со крајот на третиот квартал од минатата година, на 3,87 % со 30.09.2024 година.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2024 година изнесуваат 876,0 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 9,9 % во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности, особено во делот на работењето со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 106,2%, се вели во извештајот.
Меѓу другото, се посочува дека во рамки на приходите од продажба на преземен имот и опрема најголемо учество имаат приходите од продажба на преземен имот од должниците Еуроникел Индустри ДОО с. Возарци, Кавадарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево евидентирани во месец април 2024 година. Планот е остварен со 176,2 %.
Во однос на оперативните расходи се вели дека за периодот 01.01-30.09.2024 година изнесуваат 1.722,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 13,3% во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи, а во помал обем и поради зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените и зголемената амортизација.
„Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес. Планот е остварен со 103,5 %“, се вели во извештајот.
Во периодот од 01.01-30.09.2024 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 3,1 милион денари, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот во согласност со регулативата од НБРСМ. Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 478,0 милиони денари, наспроти 545,3 милиони денари во истиот период минатата година.
Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства се должи на ефектот од нето-дополнителната исправка на вредност и извршените отписи во извештајниот период, согласно со регулативата од НБРСМ.
Во однос на Билансот на состојба, меѓу другото се вели дека вкупната актива на Банката на 30.09.2024 година достигна износ од 168.900,9 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележи зголемување од 3,2 %.
Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемените кредити на комитенти, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 99,2 %.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 8,9 %, во најголем дел заради помалку пласирани депозити во НБРСМ (преку ноќ и до 7 дена), при што Банката го искористи вишокот ликвидни средства за поддршка на реалниот сектор со цел да ја зголеми профитабилноста и да ја зајакне својата пазарна позиција. Исто така, во извештајниот период Банката изврши пренасочување на краткорочните депозити и средствата на девизните сметки во странство кон пласмани во странски банки со рочност до една година заради остварување повисоки приноси во услови на отпочнат циклус на намалување на основните каматни стапки од страна на ЕЦБ и ФЕД.
Исто така се додава дека вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 14,2 % главно како резултат на зголемен износ на запишани континуирани државни обврзници во денари, а во помал обем и поради запишани државни записи и државни обврзници во денари расположиви за продажба, како и запишани Македонски еврообврзници и државни обврзници од нерезиденти. Планот е остварен со 107,1 %.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2024 година достигнаа износ од 20.358,1 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележат зголемување од 13,0 % како резултат на остварената солидна тековна добивка и заради зголемените останати резерви по основ на прераспределба на дел од добивката за 2023 година во износ од 1.377,4 милиони денари, додека во задржана добивка за инвестициски вложувања се распределени 130 милиони денари согласно Одлука за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 27.03.2024 година. Планот е реализиран со 103,7 %.
Во делот посветен на очекувањата за наредниот период се вели дека макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност до крајот на 2024 година се условени од домашните политички случувања, како и од сеуште неизвесниот и непредвидлив глобален.
Се очекува дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка, во услови на отпочнато релаксирање на монетарната политика, преземени макропрудентни мерки и континуирано зголемување на стапката за противцикличен заштитен слој на капиталот кај банките.
Кредитниот раст во 2024 година би изнесувал околу 6,1 %, додека годишниот раст на депозитите се предвидува да биде околу 7,4 %.
Дел од тековната добивка се вклучува во пресметка на редовниот основен капитал
Комерцијална банка вчера до Берзата достави информација во која се вели:
Врз основа на член 69 од Статутот на Комерцијална банка АД Скопје, Надзорниот одбор на Банката на седницата одржана на ден 30.10.2024 година, донесе Одлука за вклучување на дел од тековната добивка за периодот 01.01-30.09.2024 година во пресметката на редовниот основен капитал на Комерцијална банка АД Скопје.Предвидениот износ од тековната добивка од 1.676.279 илјади денари е утврден во согласност со Одлуката за методологијата за пресметка на адекватноста на капиталот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/12, 50/13, 71/14, 223/15, 218/16 и 221/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 181/19, 116/20, 167/20 и 27/24) и ќе се вклучи единствено во пресметката на сопствените средства со состојба 31.12.2024 година, по добиена согласност од НБРСМ. Конечниот предлог за распределба на добивката за 2024 година ќе се донесе од Надзорниот одбор на Банката најдоцна до февруари 2025 година и за предлогот ќе одлучува Собранието на акционери на Комерцијална банка АД Скопје на седницата која ќе се одржи во согласност со одредбите од Законот за трговски друштва.
Потребното зголемување на редовниот основен капитал на Комерцијална банка АД Скопје е во насока на поддршка на динамичниот кредитен раст во текот на 2024 година заради настојувањето Банката да ја задржи својата пазарна позиција во услови на зголемени конкурентски притисоци и континуираното зголемување на вкупните капитални барања пропишани од НБРСМ.