Комерцијална банка прва од котираните компании на Берзата објави менаџерско обраќање


Комерцијална банка е прво котирано друштво на Македонската берзата кое објави менаџерско обраќање во врска со ревидираните годишни извештаи на банката, постапка која е воведена  на Берзата со цел зголемување на транспарентноста на пазарот, соопштија денес од Берзата.

Од таму посочуваат дека постојано вложуваат напори за зголемување на транспарентноста на пазарот на хартии од вредност, со цел поголема информираност на инвеститорите и пошироката јавност за работењето на котираните друштва, и при тоа ги следи и спроведува светските добри пракси што носат позитивни ефекти за визибилноста на котираните друштва и за ефикасно пазарно вреднување на нивните акции.

„Една од тие добри пракси е т.н. менаџерско обраќање, што вообичаено се врши при објавувањето на годишните резултати на друштвата, која за прв пат годинава започна да се имплементира и кај нас. Имено, Комерцијална банка АД Скопје е прво котирано друштво на Берзата кое преку Системот за електронски информации на котираните акционерски друштва на Берзата (СЕИ Нет) на 29.03. објави менаџерско обраќање во врска со ревидираните годишни извештаи на банката“, се вели во соопштението до медиумите.

Веста со видеото со менаџерското обраќање на Комерцијална банка е достана на следниот ЛИНК.  

Берзата ги поттикнува сите котирани друштва при објавата на ревидираните финансиски извештаи за 2023 година преку СЕИ-Нет да објават менаџерско обраќање и преку синтетизирани податоци и видувања за своето работење презентирани од страна на топ менаџментот да придонесат за поголема информираност на инвеститорите и јавноста, додаваат од Берзата.