Комерцијална банка лани со нето профит од 37,5 милиони евра, за 20,5 отсто повеќе од 2020 година


Фото: Б. Грданоски

Комерцијална банка Скопје минатата година оствари нето добивка од 2.304,3 милиони денари (околу 37,5 милиони евра), за 20,5 отсто повеќе во однос на 2020 година, покажува Билансот на успех на банката, објавен денес на Македонската берза.
Во периодот од 01.01-31.12.2021 година Банката од своето работење оствари добивка пред оданочување во износ од 2.504,6 милиони денари наспроти 2.067,1 милиони денари во 2020 година, што претставува пораст од 21,2 отсто. Планираната добивка за анализираниот период е реализирана со 127,1%. Данокот на добивка во 2021 година изнесува 200,3 милиони денари се вели во образложението на овој документ.
Инаку, како што покажува неревидираниот (консолидиран) финансиски извештај на Банката за истиот период (кој се состои од финансиските извештаи на Комерцијална банка АД Скопје, на подружницата КБ Публикум инвест АД Скопје – Друштво за управување со инвестициони, претставени како финансиски извештаи на едно правно лице), лани била остварена нето добивка 2.328,3 милиони денари (37,85 милиони евра).
Од Комерцијална банка посочуваат дека солидниот резултат од работењето е остварен во услови на постепено закрепнување на економијата од последиците поврзани со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Kовид-19, што е резултат на отпочнувањето на процесот на вакцинација на населението и глобалното економско заздравување.
Притоа, како што се додава во образложението на Билансот на успех, и во текот на 2021 година останаа присутни ризиците и неизвесноста поврзани како со интензитетот и траењето на пандемијата, така и со економското заздравување условено од застоите во глобалните синџири на набавки, високиот пораст на цените на енергенсите и инфлаторните притисоци.

Од банката исто така објаснуваат дека остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 0,1 отсто поголема во однос на минатата година како резултат на пораст на приходите од редовно работење, додека останатите приходи се намалени како резултат на помалку реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот (444,1 милиони денари во 2021 година, наспроти реализирани значително поголеми приходи во износ од 1.334,4 милиони денари во 2020 година, од кои најголем дел е од продаден имот од должниците Технометал Вардар Скопје, Прототип ДООЕЛ Скопје и ФКН Неготино).
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.473,1 милиони денари и бележат зголемување од 1,6 отсто во однос на истиот период од минатата година како резултат на пораст на приходите од редовно работење.


Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето. На крајот на минатата година изнесуваа 2.454,6 милиони денари и бележат зголемување од 1,5 отсто кое е остварено во услови на намалени каматни стапки кај кредитите и депозитите, при умерено зголемен обем на кредитирање и значително зголемени депозити. Дополнително, соодветно влијание врз нето-приходите од камата има и намалениот обем и каматна стапка кај пласманите во благајнички записи во однос на минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 95,5 отсто, се вели во образложението на Билансот на успех на банката.
Истовремено, нето приходите од провизии и надоместоци изнесувале 994,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 11,5 отсто како резултат на пониска споредбена основа во истиот период претходната година, кога заради прогласувањето на пандемијата и затворањето на земјата значително намалување забележаа активностите на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 117,7 отсто.
Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2021 година изнесуваат 197,4 милиони денари и бележат зголемување од 19,6%. Планот за анализираниот период е остварен со 119,6 проценти.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2021 година изнесуваат 1.723,9 милиони денари и бележат намалување во најголем дел како резултат на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Во рамки на оваа позиција Банката во текот на 2021 година оствари значителен износ на наплатени отпишани побарувања (1.234,4 милиони денари), во чии рамки со најголемо учество е наплатеното отпишано побарување од Топлификација АД Скопје – во стечај, во износ од 579,8 милиони денари, такa што Планот е остварен со 189,5 проценти.
Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2021 година изнесуваат 2.029,0 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 4,4 отсто, главно како резултат на зголемена амортизација по основ на набавки на основни средства и опрема заради модернизација на деловната мрежа, зголемени трошоци по основ на набавка и сервисирање на компјутерска опрема, зголемени премии за осигурување на депoзитите, зголемени трошоци за обезбедување на имот и други трошоци. Планот е остварен со 120,3 проценти.
Вкупната актива на Банката на 31.12.2021 година достигна износ од 148.535,4 милиони денари и во однос на декември 2020 година бележи зголемување од 12,0 отсто, се вели во образложението на Билансот на состојба на банката.
Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемувањето на сите позиции со поголемо учество (паричните средства и депозити во НБРСМ, кредити на и побарувања од банки, кредити дадени на комитенти и вложувањата во хартии од вредност). Планот
е остварен со 106,8 отсто.
Во извештајот исто така се посочува дека кредитите на и побарувањата од банки бележат позначително зголемување кое се должи на пласирани депозити во странски банки со рочност над 3 месеци, по основ на значителниот раст на девизните депозити, а со цел да се намалат износите на платена негативна камата на средствата на сметките во странски банки во валута ЕУР. Планот е исполнет со 303,7%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 5,1 отсто како резултат на зголемено кредитирање на секторите нефинансиски друштва, домаќинства и држава. Умерениот кредитен раст се должи на помалата споредбена основа од минатата година, кога Банката беше многу внимателна кон зголемување на кредитините изложености во услови на глобална криза. Кредитниот раст во 2021 година е поттикнат од зајакнувањето на капиталната позиција во март, што исто така овозможи Банката на пазарот да понуди нови и модифицирани кредитни производи за физички лица, како и да ги поддржи правните лица во процесот на опоравување на економијата.

Во однос на очекувањата за наредниот период од Комерцијална банка, меѓу другото, велат дека макроекономските услови во кои ќе ја остварува својата активност во текот на 2022 година се условени од динамиката на економско заздравување кое се очекува да продолжи и во следниот период. Исто така, се посочуваат и здравствената и енергетската криза, геополитичките состојби, нарушувањата во синџирите на снабдување и тн. кои ќе имат влијание врз работењето на деловните субјекти.

Од Комерцијална банка нагласуват дека ќе ги преземат сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите заради поддршка на економското опоравување во земјата.