Комерцијална банка ќе започне со исплата на дивиденда на 27 април


Фото: Б. Грданоски

Комерцијална банка ќе врши исплата на дивиденда за 2021 година почнувајќи од 27.04.2022 година, соопшти банката во известување до Македонската берза. Право на исплата на дивиденда за 2021 година имаат сите акционери на Комерцијална банка кои се евидентирани во книгата на акции на 14.04.2022 година.

Исплатата на дивиденда на правните лица ќе се врши со пренос на средствата на нивните сметки во Комерцијална или во друга банка.

Согласно Законот за данокот на личен доход, Комерцијална банка, како исплатувач на доход по основ на дивиденда, пресметката и плаќањето на данокот на доход и исплатата на дивидендата на физички лица ќе ги врши со поднесување електронска пресметка за бруто-доходот и за данокот по одбивка (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку системот е-Персонален данок.

Е-ППД системот не прифаќа неточни и непотполни податоци. Затоа се повикуваат сите акционери-физички лица кои не се запишани во евиденцијата на УЈП како даночни обврзници да превземат соодветни мерки за нивно запишување согласно процедурите на УЈП. Ова особено се однесува на малолетните лица и/или други лица кои досега не биле приматели на оданочив доход од кој било вид во Република Северна Македонија.

Средствата од дивидендата за 2021 година преку е-ППД системот ќе бидат уплатени на сметките на физичките лица во Комерцијална банка АД Скопје. Исклучок ќе бидат лицата кои имаат дадено овластување/инструкција за пренос на дивидендата на сметка во друга банка. Комерцијална банка во таков случај средствата од дивидендата преку е-ППД системот ќе ги уплати на назначената сметка. Доколку некој акционер, резидент физичко лице , нема дадено такво овластување, а сака дивидендата да му биде исплатена на сметка во друга банка, да го стори тоа преку доставување инструкции во електронска форма, кои може да се најдат на веб-страната на банката www.kb.mk во делот „ЗА НАС \ Односи со инвеститори“, се вели во известувањето на Комерцијална банка објавено на Македонската берза. 

Инаку, акционерите на Комерцијална банка, на Собранието одржано на 30 март годинава потврдија дека Банката ја заврши 2021 година со бруто-добивка во износ од 2.504,6 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 200,2 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 2.304,4 милиони денари. Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 2.304,4 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 62 отсто од номиналната вредност на акцијата, односно по 620 денари за една акција.

Заради зголемување на вкупниот капитал и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија 671,3 милиони денари од добивката да се издвојат во резерви. Дел од добивката, односно 220 милиони денари се распределуваат во задржана добивка за инвестициски вложувања во 2022 година, која исто така го зголемува вкупниот капитал на Банката.