Комеморативна седница за академик Радован Павловски


Фото: МИА

Македонската академија на науките и уметностите и Друштвото на писатели на Македонија денеска ќе одржат заедничка комеморативна седница по повод смртта на  академик Радован Павловски.

Комеморативната седница ќе се одржи во 10 часот во свечената сала на МАНУ, а посмртните останки на Павловски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта Бутел од 11 до 12 часот. Погребот ќе биде во 12 часот.

Радован Павловски почина во вторникот на 84-годишна возраст. Тој е поет, есеист и патописец. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.
 

Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река каде што го поминува своето детство и завршува основното образование, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Во 1952 година во списанието „Народно здравје“ првпат е објавена  неговата кратка песна „Загонетка“, а во 1955 година се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“. Покрај пишувањето поезија твори и во другите уметности, цртајќи цртежи, карикатури и скулптури.

Работниот век го почнува во декември 1956 година кога се вработува како преведувач и новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“. Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб,  а од 1982 до 1985 година во Белград. Во Република Македонија се враќа во 1985 година.

Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011). Исто така е добитник на странските награди: „Младост“ (југословенска награда за „Суша, свадба и селидби“, (1961), „Златна струна“ (југословенска награда на анонимен конкурс за песната „Железна Река“, 1975), „24-та Дисова пролет“ (југословенска награда за поетски опус – избор „Момчето што спие напладне“, 1978), Плакета на јубилејната 50. Дисова пролет (1987, како лауреат) и „Ристо Ратковиќ“ (југословенска награда за збирката песни „Темелник“, 1988).

Во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот.