Комеморација за Радован Павловски: Принц на метафората за кого песната беше глас на вечноста


Поезија препознатлива и своја, различна од сѐ што е напишано во стих кај нас, автентична, имагинативна и рамнодушна кон формата, без одредена стилска припадност или строга метрика, природна симбиоза на националното и универзалното, творечки космополитизам кој извира од Железна Река – неговиот центар на светот и митско место.  Наречен „принц на метафората“, со порив кон апсолутната слобода и со мајсторски зафат во јазикот, за кого песната е глас на вечноста… Со овие зборови колегите од МАНУ и од Друштвото на писателите на Македонија на заедничка комеморација се простија од поетот и академик Радован Павловски кој почина во вторникот на 84-годишна возраст.

Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, рече дека Павловски е дел од генерацијата македонски писатели кои со своето дејствување извршила пресудно влијание врз процесот на дедогматизација и модернизација на македонската литература и придонела за ширење на хоризонтите на творечките слободи.

Сфаќањата на Радован Павловски за животот и поезијата, според Коцарев, најдобро се изразени во пристапната беседа за неговиот избор за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите во 2006 година, насловена „Мојата ѕвезда, моето живеалиште“.

– Тогаш Радован ќе истакне: Во творештвото најтешко е творецот да се издржи самиот себеси и да се задржи на своите нозе. Сѐ друго е лесно како пердув, перо, сон, сонета… Но зборот е тежок, зборот држи вода дури и во пустина, рече Коцарев цитирајќи ги зборовите на Павловски и додаде дека „академик Павловски несебично штедро се расфрлаше со својата дарба, не само кога ги рецитираше своите песни, туку и во обичниот разговор, на теми од секојдневниот живот“.

Академик Влада Урошевиќ, кој како и Павловски припаѓа на третата повоена генерација македонски писатели кои се појавуваат во втората половина на 1950-тите години и кој прв пишувал за неговата поезија во 1960 година, денеска рече дека замина уште една голема фигура на македонската култура, уште еден голем поет кој, како што рече, „ја обележа нашата епоха, творец кој на нашата поезија ѝ даде врвни песни напишани на македонски јазик“.

-Во времето кога се појави имаше и отпори, кои секогаш ја следат појавата на такви несекојдневни личности, но наспроти нив, името на Радован Павловски беше секавично разгласено низ книжевните и културните кругови. Поезијата на Радован Павловски – и онаа од младешките години, и онаа од периодот на зрелоста, ја покажа и докажа вибрантната сензибилност на македонскиот јазик. Радован Павловски е еден од најголемите поети кои пишувале на македонски и неговото творештво стои на самиот врв на нашата поезија…, рече Урошевиќ.

Според него, поезијата и животот за Радован Павловски биле судбински испреплетени, со една драматична и трагична спротивставеност зашто Павловски ја живеел својата поезија и се обидувал и во својот живот да се  раководи со правилата на поезијата. А од тоа невозможно единство, рече Урошевиќ, произлегувале неговите недоразбирања со реалноста, неговите судири и огорченост поради неуспехот од тој невозможен потфат.

-Но тој не сакаше да се прилагодува, да се согласи со општоприфатените правила, да се откаже од својот сон. Не бараше компромиси, одеше докрај, до отворено несогласување со средината, до затворање во својата горделива осаменост. Беше поет јасновидец, но и проколнат поет, истовремено. Во последните години живееше тежок, макотрпен осаменички живот. Неговото тело страдаше, но духот негов беше постојано извишен над приземните низини, барајќи секогаш поголеми височини за својот размав, истакна Урошевиќ.

Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на Друштвото на писателите на Македонија, каде што Павловски членувал од 1961 година, рече дека координатите во кој ќе се развивал неговиот творечки дух се чувствувале уште во дописот кога како 18-годишник, во април 1955, ги пратил своите први песни во весникот „Млад борец“: „Сакам да остварам свој свет, осмислен со она што треба да го оправда моето постоење“.

-Тој навистина создаде свој свет… Радован Павловски е еден од најразбушавените, најнедисциплинираните во изразот, најрамнодушните кон формата или кон стилските правци во нашата литература. Поетскиот свет на Радован Павловски е бујна екстаза на имагинацијата, разгранета мрежа од симболи и метафори, магичен лавиринт кој ве заведува во многу насоки, лавина од визии и јазични вратоломии, блиски и далечни асоцијации низ кои одекнува убавината и моќта на македонскиот збор. Уште при поетското деби – објавата на стихозбирката „Суша, свадба и селидби“ во 1961 година Павловски е прифатен од македонската книжевна критика како исклучителен поет, кој многу брзо добива признание и поширока рецепција. Истата 1961-ва за оваа збирка ја добива книжевната награда „Младост“ во Белград и станува член ан ДПМ и на Сојузот на писатели на Југославија, а неговите стихови заживуваат во препев и на други јазици, рече Сојменска-Елзесер.

Во оваа пригода таа ја покажа Повелбата „Блаже Конески“ за врвни творечки остварувања, која Друштвото на писателите му ја додели на Радован Павловски за 2020 година, но поради пандемијата и неможноста  физички да присуствува не му била врачена и покрај обидите на Друштвото да го поканат за тој чин.