Другаруваше со Џорџ Клуни, често кажуваше анегдоти- комеморација за Горјан Тозија

Сето тоа што се сработи откако тој застана на чело на Агенцијата за филм во 2017 година, е можеби втората најголема ренесанса што ја доживеа македонскиот филм, а слободно можам да кажам и најголемата, рече на комеморацијата филмската критичарка Ана Василевска


Со едноминутен молк, но и аплауз, денеска на комеморацијата која се одржа во Кинотеката, колегите, соработници и пријатели се простија од филмскиот продуцент Горјан Тозија – Медо (1954-2022). Тозија почина ненадејно по кратко боледување, а во својата обемна професионална биографија брои големи успеси во македонската кинематографија.

Тозија секогаш на истиот начин се радуваше за секој еден можен успех, беспоштедно, храбро и давајќи мотивација на сите, а посебно на младите, рече на комеморацијата филмската критичарка Ана Василевска.

Според филмската критичарка, поголема љубов на Тозија од филмот, е неговата љубов македонскиот филм да излезе од границите.

– Последниве пет години интензивно соработувавме, и поголема од неговата љубов кон филмот е неговата голема љубов да македонскиот филм да излезе од границите. За него граници не постоеја, немаше препреки каде да го одведе, додаде Василевска.

Таа потсети дека Тозија минатата 2021 година одбележа 50 години професионална кариера. Поточно, пет деции занимавајќи се со филм.

– Другарувал со Џорџ Клуни. Често кажуваше анегдоти. Практично, сите тие ликови кои ние ги гледаме од Холивуд како некои далечни и недостижни, за него беа голем дел од нив соработници, работел на многу филмови со нив. Исто така, биле другари. Медо од тука до Холивуд сигурно има повеќе другари отколку соработници. Сите оние кои го познавале и имале можност да соработуваат со него, сигурно не можат да останат рамнодушни, додаде Василевска.

Таа посочи оти веста дека „Медена земја“ е влезена за номинација за Оскар, за Медо беше радоста и среќата.

– Сето тоа што се сработи откако тој застана на чело на Агенцијата за филм во 2017 година, е можеби втората најголема ренесанса што ја доживеа македонскиот филм, а слободно можам да кажам и најголемата, додаде Василевска.

Тука, посочува, не смее да се застане.

– Филмот мора да остане напред, не смее да остане во  локални рамки, мора да се извлекува од таа матрица и постојано да се дава поддршка на младите автори, рече Василевска.

Новинарот Борјан Јовановски посочи дека Медо уште од кога го запознал, бил еден од оние убави „еднорози“ од приказните.

– Огромното мнозинство на луѓе припаѓаат во некоја група кава и да е. Малкумина се оние на кои им е фрлена честа или проклетството да бидат еднорози. Тие немаат свое стадо, немаат водач, и тие ниту сакаат ниту пак знаат како да му припаднат на стадото, колку и да им е тешка осамата. Тоа се луѓе кои мечтаат, луѓе осудени да фантазираат или идеализираат, свесни дека нивните фантазии или идеали најверојатно никогаш нема да се остварат, рече Јовановски.

Според Јовановски, Медо беше „еднорог“, но, како што објаснува, не обичен „еднорог“ туку еден од ретките кои успеваат околу себе да врзат многумина други такви фантазери, луѓе полни со љубов која не ја собира ниту една институција во која било пригода.

– Ја завршивме последната наша преписка на вибер. Тој побара одмор, месец, два. Рече потоа да се нафатиме повторно решително како ништо да не било. Тоа беа последните наши пораки од пред три дена. Тука завршивме јас и мојот единствен признат шеф, мојот еднорог Мече, додаде на комеморацијата Јовановски.

Игор Иванов Изи, режисер и претседател на Друштвото на филмските работници истакна дека Медо бил голем човек, кој не сакаше да се пензионира, и филмот како што рече, заврши онака како што веројатно и требаше да заврши, колку сурово тоа и да звучи.

– Неговиот живот беше една многу комплексна драматургија која што многу тешко може да се прикаже на филм. Еден лик што многу тешко може да се експонира, и да го изигра, псотојано на врвот и на дното, на врвот и на дното, додаде на комеморацијата Игор Иванов Изи.

Тозија почина ненадејно вчера во Скопје, по кратко боледување. Тој беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Kабинетот на претседателот Бранко Црвенковски, претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) и раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“.

Во периодот од 2017 до 2020 година беше директор на Агенцијата за филм, период во кој македонскиот филм го доживува најголемиот успех во светски рамки.

Горјан Тозија потпиша повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти како продуцент, меѓу кои „Ослободувањето на Скопје“ (2016), „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988), како и „Пред дождот“ кој доби номинација за Оскар во 1994.