Комеморација за Бистрица Миркуловска утре на Филолошкиот факултет
На 8 октомври (вторник), во 12 часот, во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” ќе се одржи комеморацица за проф. д-р Бистрица Миркуловска (14.3.1930-16.9.2024).
На комеморацијата со пригодни беседи ќе се обратат проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Лидија Аризанковска. Соорганизатори на комеморацијата се Филолошкиот факултет „Блаже Конески” и Друштвото на писателите на Македонија.
Бистрица Миркуловска е поет, раскажувач, писател, преведувач. Завршила Филозофски факултет во Скопје – книжевност со македонски јазик и постдипломски студии од македонистиката. Работела во ОУ „Браќа Миладиновци“, а од 1959 год. до пензионирањето предавала словенечки јазик при Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. По пензионирањето била прв лектор по македонски јазик и по словенечки јазик на Масариковиот универзитет во Брно, Република Чешка.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1971 год; била член на Претседателството на ДПМ (2000-2002) и Претседател на Комисијата за активности на писателите за деца. Член е на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија од 1972 год. Добитник е на прва награда (1976 год.) за песната „Балада за една бреза“, на анонимниот конкурс „Курирче – Марибор“, на ниво на СФР Југославија; втора награда за песната „Прости ми“ – Празникот на липите (2002 год.) при ДПМ; прва награда за Цвеќе на мирот, Здружение на просветните работници – литературни творци на Р. Македонија; 2001 год. има добиено од истата асоцијација и Признание за животно дело – Просветен работник – литературен творец. За преведувачката дејност од словенечки на македонски јазик и од македонски на словенечки јазик (22 книги) добитник е на следниве признанија: „Потокарова повелба“ (1987 год.) од поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија; „Јубилејно Златно перо“ (2001 год.) и „Кирил Пејчиновиќ“ (2002 год.); „Златно перо“ – 2008 за преводот на романот Капелан Мартин Чедрмац од Франце Бевк; добитничка на наградата „Даница Ручигај“ во 2017 година што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија за стихозбирката Фатаморгана.
Бистрица Миркуловска на македонската книжевна сцена се појавува со поетската збирка „Цвеќенца“ (1960) која ѝ е наменета на најмладата читателска публика. Во кусите лирски песни од оваа стихозбирка видлив е афинитетот на авторката за збороигра, музикалност и суптилна позитивна дидактичност. За авторката е примарно „нејзиното настојување да сведочи за ситните радости, копнежи, желби, многу повеќе отколку за несфаќањето, дилемите и траумите на децата“. (Идризовиќ, 1988: 159) За празнично интонираните песни од стихозбирката „Празнични виделини“ (1979), Миодраг Друговац смета дека подразбираат „патос на искази како доблест на својата патриотска понесеност од мотивот, а тој во широкиот спектар на интересирањето на Бистрица Миркуловска е навистина волуминозен“. (Друговац, 1980: 13). Стихозбирката „Прекршен лет“ (1996) е целосно во знакот на опевање на природата и вегетацијата, но и во присуството на латентната симболика во песните за земјата и љубовта. „Навева снег“ (2002) е поетска збирка во која авторката контрастивно ги поставува и комбинира темите на детството, татковината и војната.
Во центарот на нејзината поетска преокупација е детето кое се соочува со страотните остатоци од војните. Во оваа книга експлицитен е афинитетот на авторката за жанрот поема. Во Лице и опачина (2005) авторката низ поетски дискурс ја покажува важноста на исконската родителска љубов, но испраќа и една хуманистичка порака, како резултат на нејзиниот алтруистрички поглед на свет: Дали се менува светот кога се раѓа дете? Поетската збирка „Сите деца мили“ (2015) актуализира песни инспирирани од детството на авторката, во нив е присутна универзалната тематика за значењето на семејството, љубовта, мирот и слободата – доминантни теми во сите нејзини стихозбирки.
Афинитетот за лирски пристап е присутен и во стихозбирката „Фатаморгана“ (2017) во која доаѓаат до израз „суптилните творечки трепети за смислата на постоењето, со изразито лични акценти, но во контекстот на размислувањата за универзалната човекова егзистенција“. Во својата прва збирка раскази за деца „Градинче“ (1962) Миркуловска создава идилична слика на училиштето, домот, семејството и градот. Јунаците во овие раскази се деца кои ги надминуваат секојдневните проблеми со доблесни постапки или низ весела детска игра, поради што овие текстови може да се перципираат како креирање на сказнолик свет во урбан простор.
Темите на училиштето, другарството, мисловно-емотивното созревање на детето и др. се присутни и во втората збирка раскази „Виножито“ (1979. Овие куси наративи ја содржат 127 тематско-мотивска и стилска концепција на авторката со која ќе стане препознатлива во современата македонска книжевност. Романот за деца и млади „Тополите на крајот од дедовата ливада“ (2001) и неговиот втор дел „Цвеќе на мирот“ (2007) можат жанровски да се класифицираат како први еко-романи во современата македонска книжевност.
Во овие романи е нагласена сензибилноста на авторката за актуелните проблеми на модерното општество како што се: загадувањето и уништувањето на природата и природните ресурси, градската нечистотија, депониите и сл. Преку еко-акциите и другите активности за одржување на здрава животна средина од страна на младите екологисти од овие романи, авторката испраќа јасни пораки за развивање на хуман однос кон природата и подигнување на еколошката свест.