Комеморација во чест на Марин Бабиќ (1947 – 2022)


 

На 28 октомври (петок), Драмски театар Скопје ќе одржи комеморација по повод смртта на актерот Марин Бабиќ.

Доајенот на македонското глумиште Марин Бабиќ почина на 16 октомври во Скопје, на возраст од 74 години. Драмски театар беше негова матична куќа во која го помина целиот работен век.

Комеморацијата ќе започне во 12 часот.

Во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, “Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.

 

Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушава Азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20 век“ и многу други.

Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар Бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.