Комеморација на ДЛУМ за Коле Манев
Во четврток Друштвото на ликовни уметници на Македонија организира комеморативна седница за уметникот Коле Манев (1941-2025), член и поранешен претседател на ДЛУМ.
На комеморативната седница ќе се обратат колеги и пријатели на уметникот.
– Коле Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција – Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија – ДПМ. Тој беше автор на над дваесетина самостојни изложби, учествувал на мноштво групни изложби, член на ДЛУМ од 1974 година, во еден период и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, награден со многу награди за своето сликарство: „Нерешки мајстори“, четирикратен добитник на „Мал формат“, награда за „Цртеж“ на ДЛУМ, „Наше историско минато“, награда на ликовна манифестација во Цетиње, од Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ја добива наградата за посебни заслуги во афирмирањето на темата „бегалци“, во 2004 година Општина Центар му ја доделува наградата „Феникс“ за посебни заслуги во културата, во 2006 година Министерството за култура на Република Франција го прогласува за почесен витез од областа на културата и творештвото, во 2021 година Кинотеката на РС Македонија му го додели признанието „Златен објектив“ за особен придонес во македонската кинематографија, велат од ДЛУМ.