Комбе полно со мигранти, бегајќи од полицијата, пропадна во ископан канал во Велес


Комбе полно со мигранти вчеравечер околу 20 часот пропадна во ископаниот канал на главната велешка улица, помеѓу судот и Интернационал. Комбето бегало од полиција и тргнало во спротивен правец на улицата „8 Септември“, од кружниот тек кон С`рмаале, но најверојатно, возачот не знаел дека улицата се реконструира, па паднал во шанецот.

Од велешката полиција за локални медиуми потврдија дека бегајќи од полициска потера, комбето влегло во забранет правец на улицата „8 Септември“ и пропаднало во ископаниот ров. Оттаму велат дека возачот и совозачот се фатени и приведени.

Според дел од медиумите, македонската полиција заедно со припадници на ЕУЛЕКС, го следеле комбето уште од македонско-грчката граница.

Во сообраќајната несреќа повредени се 11-годишно дете и неговиот татко, кои биле во комбето.

– Детето нема видлива повреда, но се жалеше на болка во главата, а неговиот татко има расекотина на прст на раката. Тоа се единствените пренесени во велешката болница, изјави за Батали.нет д-р Васе Пановска Поп-Стефанова – началник на Итната медицинска помош.

Повеќе детали од полицијата за инцидентот се очекуваат денеска.